Thursday, July 24, 2014

Блузирање (152-182)



(прва кавадаречка колумна)
Седам пред некој ден, онака фино летно расположен и гледам дека во дефиницијата за град, Кавадарци никаде(н) го нема. Се потрудивме, не дека некому му е гајле, да промениме нешто, ако не, преку реткоста на урбаниот момент во овој град, уште еднаш осознавајќи дека нема ништо од нас, ако не се покрај нас нашите луѓе. Така, ние, група пријатели, на 10 јули годинава, по трети пат ја организиравме Меморијалната манифестација “Денот кога се роди добриот човек“. Посветена на најдобриот од нас, човекот кој прерано замина, кој не задолжи, не само нас неговите пријатели, сопатници и соработници, туку целиот урбан градски момент, макар ретко кој под ова небо го вкусил. Ама тој што го сторил тоа – нема никогаш да заборави дека го направивме сето за – Дејан Костов Лиса, добриот човек од вистинскиот центар на градот.
Седнавме со Боро и Бејбис, испивме кафе (јас и пиво), видовме кој што има да понуди и се стори по трети пат “Денот кога се роди добриот човек“. Свиреа Тошо Гранде, Илија Пикси Митрев и Перо Фиш Ангелов (рок трио “Абдомен“- музички професионалци до бесвест), теми од Екатерина Велика и Азра, низ вечерта фино не водеше Александар Малинков, Бејбис отпеа една песна, поезија прочита Диме Коцевски, па и јас се придружив со неколку нови поетски творби, сликаше Никола Ивановски, фотографираа Диме Стаменов, Билјана Соколова, Сашко Дете Илов (изложивме негови фотографии од првото издание на манифестацијата), плус беа некои фини луѓе во публиката, се на се - доволно мотив и фина енергија да наредната година, од се срце заеднички уште еднаш го одбележиме “Денот кога се роди добриот човек“. И сето тоа на еден убав простор над Ресторанот “Бриони“ (благодарност за помошта во електрична енергија), а под чешмата, еден фин зелен сквер во Градскиот парк, за кој од вечерта произлезе иницијатива да го добие името на Дејан Костов Лиса, добриот човек од Кавадарци. Не би била вечерта тоа што беше, ако не беа и Такси компанијата “Буги Страјк“ (благодарност до Боро, Усето и Гиго), Фото студиото “Експрес“ (благодарност до Тони Галабов), “Кожувчанка“ (благодарност до сопственикот Митко Јанчев и општинскиот советник Сашко Петров) и Градоначалникот Александар Панов со кого (неофицијално, ама сериозно и човечки) договоривме (а за што ни даде одврзани раце) наредната година Меморијалната манифестација “Денот кога се роди добриот човек“ да биде еден од најсериозните настани на кавадаречката културна и уметничка мапа. Најважна ни беше подршката од семејството на Дејан Костов Лиса, но и на големите уметници (чиј најблизок соработник беше Лиса) Ристо Соколов Сокол и Кирил Мукаетов и на сите вас кои таа вечер како посетители на Градскиот парк во Кавадарци и како публика, бевте дел од третото издание на Меморијалната манифестација “Денот кога се роди добриот човек“ посветена на нашиот пријател и соработник – Дејан Костов Лиса.
И уште нешто. За летото кавадаречко. Ова лето Кавадарци ја има таа чест, бројни гастарбајтери да се приберат накај градот. Си го терат тие нивното, роднини, соседи, ова, она, па до бескрај распиштолени по слаткарниците низ градот (една е нели?!), па тоа “моќните“ машини со некои чудни регистарски таблички истопорени низ Кавадарци по пешачки премини, на тротоари, по зелени површини, а бре мајка му стара како да не дошле, после којзнае колку години во родниот град од разно разни Европи, Америки и Австралии, каде маме мамичино (финансиски) ќе му се расплаче ако стапнат на било која погрешна линија. А овде, кој ги “шиша“ кавадарчани кои и на сред лето мораат да го заработуваат своето “парче леб“, па да му покажеме како се печали по белосветските канализации и азбестни депонии, па радосно да ги раскажеме заеднички приказните за тоа кој каде заминал, кој за што заминал, за да во исто време кремот на македонската младост засекогаш замине одовде. Слепци, до Самоил и “напред“ сме станале, не еднооки, туку при очи слепи на двете очи, та триста европски и разно – разни белосветски турбо фолк невладини гости нема да ни го исправат патот. Оти, патриотизмот не е за почетници.
П.С. На 6 септември 2014, на сред манифестацијата “Тиквешки гроздобер 2014“ во Кавадарци ќе свират “Парни ваљак“, моментално најдобриот балкански бенд, чиј концертен перфоманс е на светско ниво во моментот. На сите кои таа вечер ќе бидат овде им посакувам, уште сега, добредојде и фина вечер, а себеси “блузеру“, Аки и Хус да ти ги потпишат сите лонг – плејки и синглови за кои низ годините наназад, со Пецо и Горан си трошел време, пари и си “кмишел“ со денови во Стоковната по нивните нови албуми...
By
Марјан Т.
Бул. “Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Monday, July 7, 2014

Блузирање (151 - 181)



(прва кавадаречка колумна)
Лето во Кавадарци. Уште едно... Вообичаен почеток за многу наши летни дружби десетина години наназад низ кавадаречкото секојдневие, нели, видено на малку поинаков начин. Не дека ова лето ќе донесе некој феноменален пресврт, па да за него зборуваме со години нанапред, ама ете – започна.
А со летото и проблемите. Поголемиот дел од кабловските и интернет операторите во Кавадарци се правдаат од топлото време (кое не е ни започнато како што треба годинава) за тоа што често нема “програма“ и интернет, па немало струја, а често снемува струја, па прашање на ден е кога ќе испоцркаат пола компјутери и уште повеќе телевизори и останати мали куќни апарати, ама единствениот дистрибутер на електрична енергија баш го заболе за тоа. Важно му е, ако доцниш, да ти ја “скине струјата“ па тоа слатко да ти го наплати. Ма ептен слатко. И не се смеете, го пишувам она што вие се плашете да го кажете наглас. Не дека ви е сеедно, ама стравот ви е влезен во коските, па во последно време, ми се чини, дека плаќате и долгови кои и не сте ги направиле. Ама стравот...
На 28 јуни бевме на промоција на книга во Гевгелија. Фино парче на поезија меѓу две корици, на поети од Кавадарци и од Гевгелија. А како си поминавме? Е па вака: Книгата се вика “Метрички карван“ и е издание на гевгелиската библиотека, во соработка со кавадаречката библиотека и клубот на писатели и поети од нашиот град. Одлично преставување на кавадаречките поети во Гевгелија, а како подарок за финото гостопримство, како кавадаречки автори/поети на гевгеличани им пруживме мал поетско – музички перформанс, од врвна рецитација (Цветанка Колева) до мало поетско блузирање од авторот на овие редови, придружуван на гитара од Зоки Дејзи. Им благодарам за човечката подршка на Златко Вузевски – Паја и на Марија Поп – Василева. Ако сакате да знаете што има во книгата, ја носам со мене деновиве, па слободно заденете ме, па ќе поприкажеме.
Се мислев да нема негативни работи во оваа колумна, ама не бива, моронизацијата на комплетното живеење во град (па макар и Кавадарци) ме тера да “лафам“. Еве за културата на живеење во зграда. Е тука имам неверојатно искуство, ама ептен.Од поодамна. Оди вака: стануваш сабајле, те буди во шест наутро бушењето на комшијата над тебе, решил да смени три плочки во купатилото, оти така му се сонило најверојатно. Во осум започнува косењето на тревата на зеленилото на кружниот тек со тие (кутри) рачни (и гласни) косилки за да комуналци кутрите легнат потоа под сенка, за да по нивното “бучење“ комшијата до тебе те почести со трескање на влезната врата и тоа два пати (тој и сите по дома), па тоа да го повтори и на враќање дома и на одење по цигари и на пречекување гости, ама важно климата му брмчи 24 часа закачена на ѕидот од твојата спална соба и онака фино зачуден, како сум можел, не знаев дека е тоа твој ѕид. А бе будала! Не те прават парите градски човек. Особено не ако ти не си ги заработил. Мојот стан не е од другата страна на улицата и ако тебе денот ти почнува лошо, мене со тебе како комшија – уште полошо. И додека човек помисли дека на мира ќе пие кафе таму некаде кај 11 претпладне, ете ти го комшијата под тебе (по првпат од трите пати) како крши семки од кајсии на бетонската ограда на терасата, та цела зграда  е во комплетна збунка. Џабе ти не тропаш со тенџерињата кога во некои ретки прилики готвиш нешто, за тебе тоа го прават седум - осум соседи низ зградата. Ај што фино тропаат тоа тенџерињата, туку и да сакаш, не можеш да препознаеш што готват и покрај тоа што влезните врати им се ширум отворени. И како кулминација на денот (ноќта?!) фини “миризби“ на разно – разни кулинарски експерименти. Долг е денот на еден жител на зграда во Кавадарци, а? И трае богати до финалето и журката на матурантките на последниот (дограден) спрат. Од почетокот до крајот на журката, трештат штиклите (море топуци!) одозгора до доле низ зградата и обратно. Децата стануваат во пет попладне, па на компјутерот, па што знаат тие што е потреба од сон. Простено да му е? Не, да им се врати. Дупло!
П.С. Во досегашниот тек на 2014, барем според актуелните случувања, сушна година на кавадаречката ликовна сцена кога станува збор за ликовни уметници од Кавадарци. Нема изложби, нема перформанси, нема никакви ликовни случувања во градот од кавадаречки автори. Таа е... Блузот е музика на тагата, ама тагата на вредните и чесни луѓе. Ама ете и покрај сите анти градски нешта, група пријатели и оваа година се решија повторно да направат нешто за својот град. На 10 јули и годинава (по трети пат) ќе се одржи меморијалната манифестација “Денот кога се роди добриот човек“ посветена на Дејан Костов Лиса. Скромно, како што беше скромен и Дејан. Се гледаме таму!
By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци