Saturday, October 25, 2014

Блузирање (158-188)



(прва кавадаречка колумна)

Се сеќавам, таму некаде половината на првата деценија од овој век, си имавме своја приказна во Арт клубот “Кавадарци“. Последниот простор во градот кој ветуваше нешто поинакво. Економијата “му иба пиперот“, демек ќирија и слични тракатанци во недостаток на комерцијалност. Така требало да биде, оти малкумина во овој град веруваат дека може да биде и поинаку. А беа пред тоа и Сачмо блуз, Енџи, Кафе бар Ќима, Текила (рок верзија), Галерија (во двете верзии) и Баухаус. Вредностите имаат сопствена дефиниција и тука нема пардон.
Денес во Кавадарци, некои (нечии?!) други приказни го држат приматот. Вечерва си пицнат за техно журка, утревечер со полн портофел “лепиш“ на пеачката, а таму задутре се палиш на рок стандарди. И види чудо, се во истиот локал, море и со истиот “бенд“. И така години наназад.
Инаку, есен е и во Кавадарци. При крај е правењето ракија, виното допрва ќе стигне за дегустација, зимницата се (до)направи и наголемо се конзумира, панаѓурот беше и помина (за кого – како, за некој сеуште трае), бавчите по рестораните и кафулињата во функција во зависност од временските (не)прилики, арно ама, ударот редовно доаѓа од таму од каде што се очекува. Привилегираниот дистрибутер на електрична енергија, пред некое време, ни испорача зимски сметки за летна потрошувачка (не читале струјомери во август?!). Казните за разно –разни прекршоци се драстично зголемени, а прекршителите (особено во сообраќајот) и натаму си го тераат своето, без уво да ги заболи за тоа. Моронизација од највисок општествен степен.
Што се однесува до останатите секојдневни кавадаречки нешта, ако сте имале потреба да прошетате низ завчерашниот (24 октомври 2014) есенски дожд по тротоарите на “Илинденска“, стигнувајќи живи – здрави на целта, утоп сте се сториле. Погодувам, оти и самиот не можев да ги избегнам тротоарските кањони, дупки, изместени плочи и плочки, запушените одводи, празните расфрлени маси и столови пред “трендовските“ кафулиња, така фини истопорени и заборавени до следната пролет.
Што се однесува до културните и уметничките случувања низ Кавадарци, во тек е Саемот на книга во Градската библиотека (срам да ви е ако не сте го посетиле), би го нагласил солидниот избор филмови на кавадаречкото издание на Фестивалот на новиот германски филм во Домот на културата (сеуште трае и имате шанса да погледнете добар европски филм), бидна уште едно издание на групната изложба на “Млади ликовни уметници од Кавадарци и нивните гости“ (со нагласок на фотографијата и гостите, макар збунувачки делувало “Млади ликовни уметници“), па овака блузирајќи ми доаѓа гласно да се запрашам – Зошто ли оваа година во градот не се одржа ниту една самостојна изложба од кавадаречки ликовен уметник. А ги има, не е да не е, само или немаат доверба во “кавадаречката ликовна јавност“ или баталиле уметност и  фатиле тезга, ма што и да тоа значело. Штета!
П.С. Ми рече еден пријател: “Жилавиот урбан дух во паланката сеуште постои“. “Да“ – му одговорив и во себе помислив дека додека има луѓе кои купуваат книги, плаќаат билет на театарска претстава, минуваат на пешачки на зелено, паркираат таму каде што е дозволено, се додека има луѓе кои не го фрлаат сметот од терасата, не инсталираат прегласно кабловска околу полноќ, урбаниот дух сеуште постои. Само не го прашав пријателот дали знае до кога и дали воопшто знае што е тоа  - урбан дух?!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Friday, October 10, 2014

Блузирање (157-187)



(прва кавадаречка колумна)

“...Животот почна од почеток, заедно со новородените луѓе. Затоа, во весниците често се појавуваат неодоливи едукативни статии прилагодени на “малиот човек“, какви што нашите родители читале по војната (Втората светска војна) во рубриките кои, обично, се насловени како Знаењето е моќ...“
(Дубравка Угрешиќ – “Kultura laži”, 1996)

Таму некаде од доцните седумдесети, па до доцните осумдесети на минатиот век, таман генерациски созреавме - сите станавме извидници, планинари и феријалци. Тоа би му дошло нешто како денешните невладини организации, само малку поинакви. Не дека тогаш немало алчни за паричка или прошетка, ама некако ни беше сеедно. Од причина што, ако не друго, ефтино одевме на летување и зимување на море, езера и планини. Организациите на погоре спомнатите располагаа со сопствени кампови и одморалишта, тука таму по некој хотел и на човек му доаѓа да се запраша што стана со повеќето од нив кои ги имаше и во Македонија низ зимските и летните туристички места?!Појела меца?!“ Та не се тегло мед волкави згради, куќи и простори.
Овие редови настануваат во пресрет на уште еден панаѓур во Кавадарци, кој локалните медиуми го најавуваа како еден од “важните настани кои не очекуваат наредните денови“. Некаде по сајтовите е опишан и како “стопанско – туристичка“ манифестација. Прашајте ги жителите на Бул. “Е.Кардељ“ или “Н.Минчев“ (или како ли се вика денес), па и на околните улици и булевари, дали се туристички и стопански расположени и како ќе им биде за време на викендот во кој (пази сега) се паѓа и “11 Октомври“, можеби најголемиот македонски празник, кој ете така некако фино се совпаѓа со “најлонско – тенеќиската“ манифестација во Кавадарци, наречена “есенски панаѓур“. Со оглед на тоа што влезот на зградата во која живеам е еден од ударните кој “панаѓурците“ го користат за своите “органски потреби“ после конзумирањето на разно –разни ќебапи, памуци, (ѓоамити) американски крофни, пиво, ракија, ефтино вино, црвливи костени и претоплени ѓевреци, си земам за право да ја бојкотирам оваа таканаречена манифестација, која во суштина е еден голем минус за сите нас во градот. Неоти овие зборови ќе допрат до некого, ама аман од “важни“ настани и климактериумски небулози. Оти соблечените опинци не значат дека паднала калта. Ете ја на чевлите, само пазете да не ве казнат, па да ви пропадне “шопингот“.
Пред некој ден во Домот на културата беше отворена манифестацијата “Кавадаречка културна есен 2014“. Со концерт на речиси сите активни кавадаречки поп, рок и џез групи и солисти. На едно место можеше да се добие слика за тоа што нуди кавадаречката сцена. Дел од нив настапија со свои авторски теми, што е од исклучителна важност за оние кои сакаат да направат анализа на состојбата за тоа до каде е и колку има музичка вредност во сето она што се нуди како кавадаречка музичка сцена. Некои работат, а некои попатно ја изгубиле својата цел. Оваа колумна и онака одвреме – навреме се навраќа на (не)квалитетот, па сега нема да разглобуваме кој, што, зошто и како.
П.С. Прв ден на панаѓурот во Кавадарци. На сред бел ден трешти екстремен турбо фолк, кој повеќе личи на завивање (чиниш пеачките се ставени на столб за мачење). Тротоарите зад тезгите се комплетно блокирани од панаѓурски возила. На повеќето од бројните згради кои се таму лоцирани им се блокирани влезовите. Луѓето едвај влегуваат во својата сопственост. Нема простор да помине количка со мало дете, ниту пак инвалидска количка. Не дај Боже да има потреба од било каква итна интервенција. Организаторот по се изгледа си ја завршил работата со поставувањето и наплатувањето на тезгите. Баш го заболе што нашите влезови три дена се јавни мочални. Му доаѓа дека нам сега и не ни е потребна еболата за да навлечеме некоја зараза. Срамота!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Friday, October 3, 2014

Блузирање (156-186)



(прва кавадаречка колумна)

До таму некаде почетокот на девеесетите години на минатиот век, Градскиот плоштад во Кавадарци беше само плоштад, со средено зеленило, фонтани, “водоскоци“, мермерни клупи и еден споменик. Го “заобиколуваа“ само Хотел “Балкан“ (денес руина, за која ништо не знаеме, нема никакви информации во јавноста – дали е сеуште стабилна градба или е опасен по минувачите), од спротива само Стоковна куќа – Скопје (со симпатичниот соцреалистички рекламен слоган “Сите убави работи купувајте ги во Стоковните куќи – Скопје“) и седмокатницата, во чие приземје беа продавницата за чевли на “Борово“, трафиката на Лотаријата и продавницата за мебел на “Црн бор“ (подоцна и “Астибо“). Да, тука беше и најмодерниот излог во Македонија во тоа време - на “Борово“ (на местото од денешно “Тоскано)...
Што се однесува пак до поранешната улица “ЈНА“, денешна “Тиквешко востание“ (ги сменивте личните карти?) и таа во тие години во (ептен) многу нешта се разликуваше од денешниот изглед. Една едноставна прошетка од кај “строгиот центар“ накај првиот триаголник (на времето – триаголникот, оти втор и немаше, тоа е денешна измислица), ни ја даваше следната слика: на почетокот беше драгсторот на Ангропромет – Тиквешанка, првата самопослуга во градот која работеше до неверојатните за тоа време доцни ноќни часови – единаесет навечер. Малку понатаму беше една од последните во вистинска смисла на зборот кафеани (димовица, вињак, лута домашна, келнерки) во градот “Верона“ на Баџовци, па понатаму месарата на Малинковци, за да се стигне до пекарата – ѓевречара и до неа слаткарницата на Ештрефите. Па до неа дуќанот на Лила фризерката (култен фризерски дуќан од тоа време), за да тој блок локали заврши со продавница за чевли “Дервента“. Понатаму имаше лимарски дуќан, па “лебарата“ на “Жито – Југ“, до неа некоја продавница за “алишта“, за да во куќата на Печковци да се смести “Ловец“ – продавницата за спортски и ловечки реквизити. Од таму до “првиот“ триаголник беше само уште (на една од многуте променливи локации низ градот) продавницата на “Чик“. Од другата страна, враќајќи се кон центарот на градот немаше многу “дуќани“. Месарата на “Тиквеш“ и до неа стаклорезачки дуќан. Веднаш до нив се наоѓаше последниот самарџија во градот (подоцна таму никна голема приватна куќа и во нејзиното приземје ексклузивната продавница на еден од најголемите брендови на екс – југословенските простори “Клуз“. Денес таму се наоѓа еден од извиканите градски маркети). Како се наближуваш до зградата на општинското собрание, те пречекуваа (со често променливи “ќираџии“) дуќаните во куќите на Чемерци, па слаткарницата на Анѓел слаткарот (со најубавите “благи ќофтинки“ од печени кикиритки), троа подолу имаше шнајдерски дуќан, па“Детска радост“ (едно време и фризерски дуќан на чичко Стево) со неверојатниот аквариум, за да комерцијалниот дел на улицата заврши со и ден денес активниот занаетчиски чевларски дуќан “Доки“. Да не заборавам да спомнам, дека во тунелчето до “социјалното“ своевремено никна најмалото кафуле во градот “Токку така“, подоцна фризерски дуќан на Тана (ќерка на Лила фризерката), која занаетот му го пренесе на Футето, кој пак се смести по некое време од спротива и долги години пред да замине преку “големата бара“ ја стрижеше кавадаречката младост.
Враќајќи се назад на плоштадот, повторно го јаваш пони велосипедот (рок групата “Токму така“ му посвети и песна на легендарниот велосипед) и вртиш кругчиња на плоштадот се додека не те избрка чуварот (да, да, плоштадот имаше чувар одговорен за плоштадот и зеленилото распослано на него). Така некако беше на и околу Градскиот плоштад во Кавадарци, до девеесетите години на минатиот век. Денес ниту преостанатата фонтана не е на истотото место (метро и пол повлечена наназад), ниту пак чудниот “водоскок“ (кај седмокатницата) со трите извитоперени човечиња профункционира некогаш од кога почна “демократијата“. Капитализмот има свои правила на функционирање и најверојатно ќе успеевме да влеземе во него да не беше транзицијата за која не знаеме дали некогаш ќе заврши. Приказните за Кавадарци се бројни. Само дали има некој да ги раскаже, тука – таму да ги запише, па да еден ден на раат да си спомнеме на нив. Макар секој со своја верзија за нив. Арно ама, денешната реалност од кавадаречко секојдневие и не ветува многу. Освен (неофицијалните) податоци дека само во Лондон живеат околу илјада кавадарчани во полна снага на животна активност (да се живи, здрави и радосни), може некој некогаш ќе се сети, ќе не преброи (кој спомна попис?!) и ќе повдене да сработи нешто, та и ние кои останавме да не си ја побараме живеачката некаде далеку од овие простори.
П.С. Октомври во Кавадарци. Ете го и панаѓурот во октомври, таа рурална и (во 21-век ептен) непотребна измислица на која, ако некој веќе одлучил и натаму да се одржува, под итно треба да и се смени и концепцијата и просторот на кој што се одржува. Оти, ете и пластичните тоалетни кабини кои според нечија замисла ги лоцираа на неколку позиции низ градот (некој “локатор“ ептен непрактичен и без грижа за општиот впечаток) веќе служат за подсмев и не можат да бидат замена за јавни градски тоалети. И онака “панаѓурците“ се “празнат“ во првиот влез на блиските згради или улички.

By

Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци