Thursday, June 19, 2014

Блузирање (150-180)



(прва кавадаречка колумна)
Густирањето дневни весници овде од поодамна го изгуби шмекот, најмногу поради содржината, која речиси комплетно е дневно политичка. Кафе и весник? Можеби само од навика. Не дека понекогаш не пробувам да читам, ама ете изгубено е чуството на свежа информација, интригантна анализа, провокативна колумна и оригинална фотографија. За жал, кога станува збор за македонските сајтови, утринската информација за нив како и да не постои (освен билтенски штанцаните вести пласирани од институции и партиски центри), па затоа и не се некоја квалитетна замена за дневните весници. Му доаѓа, особено локално, ако сакате нешто да дознаете треба да отидете на лице место и самите да се информирате. Што, ќе признаете и не е некој начин на информирање достоен за 21 век.
Ете на пример, ако сакате да дознаете како е да се помине најдолгата и најфреквентната улица во Кавадарци “Шишка“ за време на честите дождови година, го направиле тоа со возило или пешки, ќе се судрите со разочарувачки слики. Поплавен коловоз, калливи тротоари, грда, ептен грда слика за случајните минувачи, оти најверојатно оние кои секојдневно сообраќајно ја користат “Шишка“ и се навикнале на дадената состојба. Овде човек лесно се навикнува на се. Особено на грдите слики. За жал.
Сликите не се нешто поразлични ниту на уште еден влез (излез) во Кавадарци. На патот Кавадарци – Росоман, во таканаречениот Индустриски дел. (Не)Квалитетот на коловозот најверојатно и не им е пречка на бројните тешки возила кои се движат овде 24 часа, па така овде нормална состојба е тие да бидат паркирани надвор од големите дворови на таму лоцираните компании, на самиот коловоз, иако поради основни потреби (бензиски пумпи, градежни фирми, занаетчиски работилници...) овде се движат и обични граѓани, чии возила и нерви мора да се неверојатно издржливи. Па и заобиколницата, која на времето беше дури три пати свечено пуштена во употреба, е приказна сама за себе. Со тоа дупките и пропаднатиот асфалт е вистинско искушение за корисниците. Дождовите само ја дополнуваат сликата на несфатливата поставеност на овој коловоз кој требаше да го олесни протокот на сообраќајот, а денес се почесто е само влез за тешките товарни возила на компаниите од разни области кои стануваат се побројни на целиот тек на сообраќајницата. Дождовите се природна појава, ама се друго е човечка негрижа. Од проектаните и реализаторите на овие сообраќајници кои утнале неколку основни поставки за вакви градежни зафати (основно – водата од дождовите нема каде да истекува) до корисниците и нивната ортодоксна (и од никого санкционирана) сообраќајна некултура.
Единствен фин впечаток за време на честите “дождовни оргии“ последните месеци, остава кружниот тек во Новиот центар на градот и тревниците во тој дел, кои конечно не се претвараат во езеро на првите три капки дожд. Само да не се тоа грдите носачи на билборди кои буквално го покрија зеленилото, а и оној таканаречен паркинг пред автобуската станица, кој од првите дождови оваа година е вистинска бара за која никој не води грижа, па да се потруди да ја елиминира. Доколку не се случи тоа, пешаците и натаму избегнивајќи ја ќе се движат по коловозот во опасност да не ги подбере некоја будала во скапа машина, а и нечистотијата во “барите“ е потенцијална опасност по здравјето на минувачите. Брееј, никако да се “откачиме“ од калта во урбаните градски средини!
П.С. На последната седница на градскиот Совет се донесе одлука за менување на концепцијата на манифестацијата “Тиквешки гроздобер“ и избран е нов организационен одбор. Баш сум љубопитен која ќе биде понудата за оваа година. Мои фаворити за музички гости од балканските се Parni Valjak, Obojeni Program, Disciplina Kicme, Darkwood Dub, Psihomodo Pop, Hladno pivo, Bombaj Stampa, Gjorgje Balasevic, а од македонските Темпера, Smoke Shakers, Бени Шаќири и Златко Ориѓански.
By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Sunday, June 8, 2014

Блузирање (149-179)



(прва кавадаречка колумна)
Пролетта го тера својот крај, летото календарски е тука зад аголот, ама честите тмурни и облачни денови ни го позаматија есапот. Нејсе. Единствена корист од долгите дождливи денови оваа година е зеленилото кое ќе потрае малку повеќе. Арно ама, случајните секојдневни сведоштва за расипништво на општите вредности ме враќаат на почетокот од пишувањето на оваа (ептен безобразно наречена прва кавадаречка) колумна. А почетокот беше таму некаде доцна есен 2004 година (во двонеделникот “Тиквешка хроника“) и ете ти речиси десет години потрошени на основната цел – Кавадарци пристојно место за живеење. Се друго низ моите чести “белешки“ за кавадаречкото секојдневие трае и натаму, ко’ да препишувам самиот од себе. До толку не се поместени нештата низ долгите транзициски кавадаречки години наназад. Да се разбереме, уште еднаш по којзнае кој пат, ефтиното политиканство, така карактеристично за кавадаречкото секојдневие - не вирее во овие редови. Напротив!
“Јубилејот“ на колумнава ќе го прославиме таму некаде доцна есен, а сега да го правиме тоа што го тераме од самиот почеток – ги бележиме негативните градски и општествени појави и поставуваме прашања. Едно од прашањата е “свадбарско“. Патот ме водеше на еден од тротоарите меѓу зградите “Лепотици“, оној дел каде има оставено простор за паркирање. Е таму, спокојно минувајќи ме “пречека“ една свадбарска колона, весело како што бива овде, со гласни свирки од возилата. За да еден момент комплетниот занес од свечениот свадбарски филинг замине “у три лепе...“. Дел од “веселите“ свадбари по возилата, најверојатно изпозанесени од атмосферата, подадени од прозорците арогантно ги поразфрлаа шишињата по улицата, демек одбележаа со ситна срча простор каде поминало дефилето. А полицаецот на кружниот тек, насмеан “ од туа до небото“ уште што не му мавна еден “лајк“ на веселите свадбари. Треба ли овде поставување прашање или гнасење од моронизацијата навлезена во секој сегмент од градското “тулумарење“?! Култура на градско живеење? Закон? Бркај работа блузеру!
Што се однесува пак до работите кои траат од поодамна и под итно треба да се средат во градот без ни малку да се мисли тој што зема плата за тоа, е тоталниот хаос во таканаречениот нов центар, кај кружниот тек. Премината е секоја граница на толеранција, особено од четврток до недела. Станува збор за еден ноќен клуб кој многу арогантно до четири сабајле ги тормози граѓаните кои живеат во овој дел од градот - со прегласна музика. И еден локал (недефениран), кафеана ли е, кафуле ли е, лоциран во приземјето на хотелот, локал кој во последно време преставува и опасност за пешаците и возилата. Пијани малолетници кршат шишиња и чаши на тротоарите и коловозите, а за прегласниот ортодоксен турбо фолк, понекогаш и сред бел ден немам дефиниција. Има ли некој надлежен да ја среди според закон оваа хаотична состојба? Заради заработувачката на неколку “газди“ трпат илјадници жители на градот. Страв ли е, корист ли е, некоја карика кај оние што земаат плата за да го спроведуваат законот – не функционира. Џабе пријавувања од испотресени граѓани, ако не фрчат драстични казни и одземања дозволи за работа. А како што велат граѓани и од некои други делови на градот (центарот на пример), овие тешки случаи на прекршување на мирот на граѓаните не се осамени. Да не ги спомнуваме тука по којзнае кој пат чкрипењата со гумите, трките со моторите, лудирањата на ноќните возачи на бесни машини по булеварите во новиот центар. Зошто е тоа така? Надлежните се должни да ја средат состојбата или да дадат одговор зошто се толерира анархијата во таканаречениот ноќен живот во Кавадарци. Треба ли да настане некоја несакана ситуација па некој за тоа дебело платен од наши пари - да реагира?!
П. С. Јуни е најубавиот месец во годината! Зошто? Оти е време на “близнаците“, оти е време за слушање на Парни Ваљак, на Азра, на Леб и Сол, на Оливер Драгојевиќ, на Масимо Савиќ, на The Ramones, на The Beatles, Louis Armstrong, Led Zeppelin, Darkwood dub, ZZ Top и Ѓорѓе Балашевиќ. Јуни е и време е за фини нешта. Колку и тоа да звучи неверојатно.
By
Марјан Т.
Бул. “Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Sunday, June 1, 2014

Блузирање (148-178)



(прва кавадаречка колумна)
Далечната 1966 за првпат во Кавадарци се одржал првиот официјален Републичкиот фестивал на детски и младински хорови, долги години биенален, а последните изданија се случуваат секоја година во месец мај. За време на последниот мајски викенд годинава се одржа по 26 пат. Над илјада млади хористи беа во Кавадарци, пееја, се натпреваруваа и самите си беа публика. Ајде и да разберам за обичните граѓани, на кои хорското пеење и можеби не им е баш вообичаен музички производ за слушање, ама (традиционално) ги нема во публиката, оние на кои животна и професионална определба им е музиката и тоа онаа посуптилната за творење и слушање – академските музичари, кои во градот најчесто се вработени како наставници и професори во основните и средните училишта и најмногу по број во основното музичко училиште. Чест на три – четворица (до кај пет), кои и онака не пропуштаат (особено) музички настан, ако не друго барем поради почит кон колегите музичари. Додека ги пишувам овие редови од три - четири места се мешаат музики, ете низ градот на големо (со недели) се прославуваат матурски вечери, па најверојатно на поголемиот дел од “школуваните“ музичари им се поважни тезгите на кои “фураат“ ортодоксен турбо – фолк, отколку подршката на квалитетот, односно на една манифестација која во Кавадарци се одржува цели 48 години. А тоа матурските прослави се приказна сама за себе, ама за тоа повеќе е потребна дебела психолошка анализа, отколку трошење драгоцен простор во едно двонеделно размислување за кавадаречкото секојдневие.
Првиот (неделен) ден во јуни, некаде три – четири попладне, ме водеше патот од кружниот тек покрај зградите “Лепотици“, преку “Гоце Делчев“ улицата, покрај Градскиот базен до Градските гробишта и назад. Не оти сакав, ама ете видов (пусти очи), па да забележам. Нели, затоа сме овде. До семафорите на раскрсницата кај основното училиште “Гоце Делчев“ пристојноста е забележителна. Таму лоцираните жители престанале да фрлаат ќеси со ѓубре од терасите и ете - започнало да доминира зеленилото. Секако, како и низ цел град е и на овој потег, треба богами и таму лоцираните дуќанџии да си дојдат при умот, дека ете тие таму се за муштериите, а не обратно. Па да поведат малку сметка за просторот кој го узурпираат со тезгите, празните гајби и полните канти за ѓубре. Улицата “Гоце Делчев“ пак, како една од најдолгите и најкористените градски улици, дошла на ред за реновирање. Изгребан е стариот асфалт и – тука се застанало. Па фатила да царува прашината, особено со наносите после дождовите (кои сеуште траат). Нема навестување дека ќе се премине кон наредна фаза до конечно асфалтирање со нов и квалитетен слој на асфалт. Нема ниту машини, ниту материјал и улицата како таква е отворена за сообраќај. Интересно е тоа што поголемиот дел од таа иста улица има квалитетно направени тротоари. Секоја чест за нив. Арно ама, нема шанси пешак да се движи по нив. Едноставно, од паркираните возила на тамошните жители, на кои дворовите најверојатно им служат само за покажување, нема шанси тој простор пешки да се помине освен преку споредните улички или по коловозот на самата (во реновирање) улица “Гоце Делчев“. Од овој потег треба само да се каже дека на дворот со спортските игралишта на Гимназијата им е потребно дебело реновирање. Распад систем на култните игралишта, каде на времето цел град на ред чекаше за баскет тројка или мал фудбал. И ете не на раскрсницата кај гимназијата, па нагоре накај Градскиот базен.
А од таму до кај базенот е онака како што го знаеме од пред десетици и десетици години. До таканаречениот Спортски центар. А пак Спортскиот центар е (уште една) приказна сама за себе. Влезот од таа страна е руиниран и запуштен, со треви над метар (змии ќе почнат да се гнездат), а таму некаде седумдесетите години на минатиот век некој така фино го замислил, па ако како град сме го оддржувале имаше да ни завидуваат надалеку за просторот. А и самиот стадион, атлетски стази направени, ама ете тревата дива, па поткастрена и еден коњ оставен на пасење. Не сум сигурен (тоа не го знам 100 %), ама нели некоја фудбалска школа го има за користење? За што ли само им ги земаат парите на децата – фудбалски таленти?! Позитивно е што рекреативците кои го користат, не го претвориле стадионот во депонија.
Малку понатаму е Градскиот базен. Наместо да биде гордост на Кавадарци, однадвор е тешка руина, на влезот мини депонија, а чинам во објектот кој своевремено беше модерен ресторан, денес е некаква дискотека. Како ли им е на посетителите, дотерани покрај таа прашина?! Ѕидовите кои го опкружуваат базенот се распаѓаат и воопшто не ми е јасно каде и како овде ќе се прави некаков аква парк?! Макар што јас сум (ама кој мене ме прашува) да базенот си остане онака, баш каков што е – единствен отворен базен во Македонија со олимписки димензии. А под базенот, зградата на “Народна техника“, која душа дала во неа да се збере целиот кавадаречки невладин сектор, под наем го има приватна компанија и претпоставувам дека внатре е средено цакум – пакум, ама однадвор е тотална џунгла. А наводно таа истата компанија била со големо реноме. Е да, де! Баш! А над базенот лоциран и натаму, изгледа ко’ да секој момент ќе се сруши, објект во кој на времето беше најмодерната “самопослуга“ во градот. До неа кошаркарски игралишта – без кошеви, простор кој со добар стопан, заедно со игралиштето и базенот, можат да бидат своевиден секојдневен градски летен камп, преполн со рекреативци. А вака...
Каде ли наредните денови ќе ме фати патот, низ кои ли градски маала ќе ме однесе прошетката? Живи – здрави!
П. С. Денес е 1 јуни. Скапоцен ден. На денешен ден 1971 година е роден мојот покоен брат Петре. Неговото последно почивалиште е во таканаречениот Спомен парк на почетокот од Градските гробишта. Со сиот респект кон сеќавањата на него денес бев на една цигара и збор – два упатен кон тие исти и бројни сеќавања. А таканаречениот Спомен парк запустен. Здивеле тоа тревите, нема кој да го исчисти ѓубрето во околината... Некој приватен ја земал Градската капела лоцирана на 20 метри во близина. А да пушти тоа тревокосачките чат – пат во околината, да ставел две –три обични корпи за отпадоци, да ја поткастрел троа тоа живата ограда. Оти, гробиштата колку се за покојните, толку се и за живите... Всушност, има ли кој да слушне и повдене работа?!
By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци