Saturday, July 25, 2015

Блузирање (180-210)



(прва кавадаречка колумна)

Во годините наназад не помислував дека нештата кои сум ги сакал, од кои сум учел и созревал, ќе ме следат целиот живот и дека реткоста на фините работи и општествени дејанија ќе направат повторно и повторно да се враќам на базичното, истовремено вонвременско и доживотно. Стрипови, книги, музика, тука – таму по некој напишан ред или стих, како некоја перверзна дефиниција на животот кој упорно се бори против глупоста, себичноста, алчноста, неписменоста и злобата.
Освен секојдневието “удавено“ во книгите и музиката, ете и стриповите, по толку животни перипетија, ме следат и натаму. И драго ми е поради тоа. Последнава речиси година дена, еднаш месечно му се радувам на Алан Форд и неговата дружина од цвеќарницата, на забеганите приказни на Бројот еден и се нешто си мислам, повеќемина овде да го читаа Алан Форд низ годините наназад, денес низ разговорите ќе ни преовладуваа некои фини градски теми. Арно ама... Не се криви комјутерите и интернетот, социјалните мрежи на некој забеган начин се слични со сапуниците и реалните шоуа. Ги прифаќа оној кој тоа го сака, никој со сила не тера некого да гледа или слуша нешто. Особено меѓу четири ѕида пред компјутер или телевизор. Арно ама... Толку ни сече и на плус четириесет.
А лето е во Кавадарци. И како во некој надреален филм, никому не му сметаат гласните музики по локалите, особено по полноќ. Можеби е чудно, ама во современиот свет тоа се решава многу лесно – со спроведување на законот. Арно ама, овде надреалното, комбинирано со трештечкиот турбо – фолк од возилата кои во никое време “рикаат“ по улиците, создало некаков недефиниран меѓусвет. Семафорите (сеуште со прегорени сијалички) се почесто служат само да одбележат некоја раскрсница, а низ градот мистериозно ни никнуваат урбани хермафродити и во нив “елитни“ локали. И ете не каде секојдневно ги броиме луѓето кои заминале одовде. Како да се натпреваруваме меѓу себе кој познава повеќе кавадарчани кои засекогаш заминаа низ (буквално) целиот свет.
Таму некаде далечната 1985/86 година и служев на поранешната држава година и 22 дена во униформа на ЈНА. За многумина и ден денес сличното искуство е “школо на животот“, а за мене и тогаш, а уште повеќе денес – изгубени драгоцени денови од раната младост. Децении се обидувам тој период да го заборавам и да го ставам под тепихот во животните сеќавања, ама некако не ми успева. Се некој туку ќе ме потсети (во неговите половина исфилувани, половина лажни сеќавања на тоа исто служење ЈНА) и прва мисла која ми паѓа на памет е кантината во касарната (“служев“во Земун, Србија). А во кантината, во ретките моменти на слободно време, бизарната комбинација на пиво и наполитанки. Од денешна гледна точка, тогашното конзумирање на оваа комбинација ми изгледа како мал бунт против (пре)строгите правила на униформираниот живот, своевиден хедонизам меѓу високите ѕидови на касарната. Тогаш (во кантината) имаше само еден вид на пиво и еден вид на наполитанки. Од тогаш до денес пробав безброј видови на пиво и наполитанки, ама никогаш повторно во комбинација. Зошто? Па најверојатно затоа што таа бизарна конзументска комбинација можеше да се случи само кога си во потрага по парче лична слобода. И незнам зошто, ама ова лето повторно ми доаѓа да ја пробам комбинацијата. Белки ќе ја снема лошата магија. Или пак не.
П.С. Обидувајќи се (во себе) да направам споредба меѓу нашиот туризам и туризмот кај соседните држави, влегувам во такви неверојатни мозочни “заврзлами“, особено што за многумина овде врв на туристичкото искуство е пијанчењето по викендичките на Тиквешкото езеро, па заклучокот е дека и тие (соседите) заминале неколку светлосни години напред и баш му гајле за нас и нашето, се почесто враќање назад. Да парите ни ги љубат, ама никој не ни е виновен што ја заслужуваат секоја потрошена паричка, било каде наоколу, на планина или море. Сеедно.

By
Марјан Т.
Бул. “Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Thursday, July 9, 2015

Блузирање (179-209)

(прва кавадаречка колумна)

Се бавам деновиве со домаќински работи. Пуштам перална на (за 0,33% по)ефтина струја некаде по полноќ, се туширам во четири сабајле, китките ги вадам во пет и пол на изгрејсонце и се некои така нешта, некои сосем (не)нормални домаќински работи, кои нели би требало да се терат кога се има време и потреба, а не кога тоа го бара “гнилиот“ капитализам. Односно нашата верзија на тој ист капитализам, во која нит‘ се знае кој пие, нит‘ се знае кој плаќа. Дали?! Море плаќаме заедно сосе сите сметки кои ни ги доставува секојдневно бескрајната факинг транзиција, дебело загазена во дупките по улиците и испокршените и искривоколчени плочки по тротоарите. Кавадарци имал два кружни тека? Голема работа! Кавадарци имал најубав градски парк? Ептен голема работа! Нит‘ факинг транзицијата ќе заврши во догледно време, нит‘ времето ќе ни ги врати луѓето кои предвреме ни заминаа и кои, Боже ме прости, не успеавме да ги испратиме на достоен за нив начин. Стоката која си ги пере гревовите со муабетите дека ги познавале, море и биле блиски со најдобрите меѓу нас, ќе остане токму тоа - стока. Која никогаш за по дома немале ниту грамофон, нит‘ обичен моно касетофон, а радио слушале само во моментите кога комшиите пуштале “поздрави, желби и честитки“ додека го правеле пинџурот, сосе другите зимници по дворовите и додека скромните градски деца делеа насмевки низ последните остатоци на кавадаречката чаршија, тие на нивните деца им ја оставија сета мизерија нам да ни ја топорчат, како да од нив се започнало, а ваму цел живот не стигнаа црнилото од под ноктите да го извадат, не стигнаа салам да се истушират.
И ете го каде и по толку години низ Кавадарци сеуште пирка истиот летен ветар, сеуште ни смета истиот летен дожд, ама се друго е заминато во бестрага. И не ми фали ништо од Кавадарци кое некогаш било (било, та заминало), туку ме нервира што новото Кавадарци никогаш не дојде и застанавме на маргините од случувањата, што се испозатворивме локално, што дрипците ни го заебуваат секојдневието. Да ти ибам наведнатата глава , која сабја не ја сече.
А беше и помина викендот, онака од нога да се сретнеш со некои драги луѓе, кои на кратко дошле од некаде каде го тераат животот, за да ги признат старите родители, да ги прашаат како преживуваат со пензијата и уште еднаш да ги замолат да дојдат со нив, некаде каде пензијата ќе им служи како додаток за заслужен одмор покрај некое море, езеро или планина. Оти овде просторите за одмор служат за некои други нешта, особено детските игралишта кои станаа место за изживување на малолетни хулигани, од кои најверојтно и родителите и општеството за жал веќе кренале раце, арно ама на наша штета, на штета на нашиот мир, толку потребен во ова (не)време, исцрпени од политиканството, од катастрофалните медиуми полни со квази реални шоуа во кои би тебало да се радуваме што некој демек научил да пее туѓи песни, најверојатно под тушот, додека ја мести вистинската топлина на водата.
Лето е во Кавадарци. Уште едно... И не е првпат лето во Кавадарци. Било лето и таму некаде крајот на седумдесетите на минатиот век во летната бавча на Хотел “Балкан“, на летната тераса на Хотел “Фени“ со некои фини лежерни песни исполнувани од некои фини хотелски бендови. Да потсетам: по дел од кавадаречките летни бавчи и тераси свиреа едни “Токму така“ и “Автограм“. Осумдесетите години на минатиот век и летата кои следуваа во Кавадарци ги донесоа првите кафе шеми во градот, таму некаде во “Палма“, во “Дечки“ и “Бос“. Ноќните “теревенки“ тоа време од “Еми“ продолжуваа во “Сачмо Блуз“ и “Џинго“ и кулминираа во дискотеката “Ламбада“. “Парк Клуб“ и “Ла Луна“ дојдоа потоа. Носталгија? Ма какви! Само потсетување дека и некогаш некој знаел и можел.
И ете и годинава некаде при крајот на летото не очекува манифестацијата “Тиквешки гроздобер“. Првото нејзино издание се случило пред 51 година – во далечната 1964. И токму толку години оваа манифестација и во нејзините највелелепни изданија и во нејзините најкатастрофални години се одржувала некаде околу првиот викенд во септември, околу 7 септември, денот кога 1944 година Кавадарци било ослободено од фашистичкиот окупатор. Според најавите, оваа година “Тиквешки гроздобер“ за првпат во неговото пеесет и едногодишно опстојување ќе се случи во последниот викенд на месец август, за време на верски празник. Зошто, како, чуму? Е, тоа прашајте го организаторот! Јас можам да ви кажам само дека на ова место, со збор ќе се дружиме повторно во некоја следна згодна прилика. Оти така треба. И некој нека се потруди да си смени светилките по семафорите низ Кавадарци, оти платено ни е од данокот за кој секоја година ни стига известување на куќната адреса.
П.С. Доаѓа петок, 10 јули и Меморијалната манифестација “Денот кога се роди добриот човек“, посветена на нашиот сограѓанин, култниот урбан лик од вистинскиот центар на градот – Дејан Костов Лиса. Организацијата на настанот и годинава е на неговите пријатели, сопатници и соборци собрани во Здружението за алтернативна култура “Алтер – Центар“. По четврти пат оваа манифестација нуди малку поинаков простор на случување, малку поинаква музика, малку поинаква поезија и ликовни думи, впрочем како што сме и ние поинакви, кои таа вечер во чест на Лиса ќе размениме некој збор и ќе се потсетиме дека сеуште сме тука и не ги забораваме најдобрите меѓу нас. Никогаш.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци