Friday, October 23, 2015

Блузирање (184-214)

(прва кавадаречка колумна)

Со оглед на тоа што повеќе од 15-ет години професионално сум дел од буквално секој настан организиран од страна на кавадаречкиот Дом на култура, по успешните почетоци на новата претстава на кавадаречкиот Театар “Женидба“ работена по текст на Н.В.Гогољ и режирана од Драган Велјановски, дозволете ми со вас да споделам неколку сеќавања, онака субјективни до даска. На пример претставата “Госпоѓа министерка“ (2009), една од оние со кои кавадаречките актери ем дадоа се од себе да биде максимално квалитетно истерана, ем се “прошета“ низ пола Македонија на радост на театарската публика во градовите каде што гостуваше. Три години подоцна, актерската екипа на кавадаречкиот Театар фантастично ја одигра претставата “Дупло дно“ и да бидам реален, една е од претставите која заслужи многу подолг живот на сцената, отколку што доживеа. Арно ама, и двете претстави во себе ја содржеа извонредно изработената сценографија од страна на големиот уметник Ристо Соколов Сокол, велемајсторот на сценските поставки, станувало збор за Театар, за перформанс од било кој уметнички поглед и зафат или за (не)обична ликовно изложбена поставка. Ма онака, сакав само да спомнам, со оглед на тоа што паметам од поодамна и што ја имав таа професионална и приватна среќа да бидам дел од овие две претстави и тоа во нивните најсуптилни уметнички делови на стварање и реализација. Не дека останатите театарски творби овие петнаесет и нешто години (од чиј уметничко – креативен дел сум) не се вредни, туку како што реков, онака, да се памети дека еднаш било во Кавадарци.
А не е да не е, пред речиси два месеци се случи уште едно издание на манифестацијата “Тиквешки гроздобер“. Само колку да се знае и памети – најкатастрофалното издание на овој до пред некоја година извонреден кавадаречки бренд. Инаку, “Тиквешки гроздобер“ за првпат се случил 1964 година, доцните осумдесети и девеесети прави пауза (објективна или субјективна допрва хроничарите на Кавадарци треба да го кажат своето, секако по дебела анализа), 21-от век си постави свои барања и цели, така да годинава не доживеавме ретро – туку дно. Ова колку да се потсетуваме одвреме – навреме дека себичноста и нереалната амбиција не носат никому добро.
Октомври го донесе и есенскиот панаѓур, навидум со никаква блискост со претходно кажаното. Арно ама, станува збор за култура на живеење. А тој остави зад себе куп ѓубре, посрани и помочани влезови на згради на локацијата која организаторот упорно ја форсира, додека граѓаните кои сакале – не сакале живеат на истата таа локација со недели не можат да се отарасат од грозната смрдеа во нивните живеалишта, а искинатите нерви од блеењето на музикантите и певаљките (доведени од амбициозните газди на локалите) никакви седативи нема да ги поправат. Да се разбереме, доколку на овој град навистина му е потребна манифестација од типот на есенскиот панаѓур, нека организаторот и пронајде друга локација, каде спокојно може да си ги прибира парите од тезгаџиите, без да ги нервира граѓаните, кои и без да ги праша оваа година одлучи да ја продолжи панаѓурската голгота за уште еден ден.
Што се однесува до културните и уметничките вредности кои се на увид на конзументите на тие вредности, со оглед на големината и можностите на еден град каков што е Кавадарци, на ниво на држава сме некаде на задоволително ниво. Не дека не се може повеќе, ама можеби толку не бива. Еден мал позитивен пример дека и надвор од институциите може понекогаш да функционира и културата и уметноста, беше поставувањето на подвижната галерија во малиот парк спроти полицијата. Со своја понуда на изложби, концерти и трибини, надополнија една своевидна празнина, со оглед на тоа што во Кавадарци и не постојат приватни или било какви други вонинституционални субјекти кои не се дел од државата или општината. Зошто е тоа така е за дебела анализа и разговори, ама секако е дека дел од причините за тоа е незаинтересираноста на стопанските субјекти во градот да помогнат во реализација на вонинституциналните проекти (значи вистински да бидат општествено одговорни), но и во незаинтересираноста на самите актери во културата и уметноста (уметници, музичари, литерати, актери и сл.) да започнат сопствена презентација преку независни галериски, концертни и останати простори, секако не само со свој капитал, туку со стрпливо конкурирање во безбројните светски културни и останати фондации и институции кои ја помагаат креативноста, самостојноста и независноста од државните и општинските буџети. Да, не значи тоа дека храброста да се тргне “спроти ветровите“ носи долговечност и позитивен “фидбек“, ама за да нешто тргне напред, треба да се проба, нели? Неколкуте примери за тоа ( студиото “Сокол Арт“ до пред некоја година, Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ со организација на “Денот кога се роди добриот човек“, па и Монтажната галерија, иако гостин во Кавадарци) ми даваат за право да констатирам дека во градот сеуште има луѓе кои се спремни да ја жртвуваат својата приватност (макар и слободно време), па заедно со на себе сличните да повденат нешто и макар за кратко да се почуствуваме дека не сме слепо црево, особено кога станува збор за културно и уметничко партиципирање, било како креативност, било како конзументи на вредности малку поинакви од секојдневните и чии влијанија се непредвидливи, но и подложни на критика во едно општество кое речиси 25 години нема желба да излезе од транзициската тиња и ги ослободи луѓето од подаништво и коленичење. Самите да го сториме тоа? Јас тоа го правам, ако не друго со самиот факт дека ги читате овие редови. А вие? Што вие направивте за себе?
П.С. Есен е и во Кавадарци. Почна грејната сезона, огревното дрво скапо, та прескапо, најверојатно според нашите стандарди. Во зависност од тоа кои од националните телевизиски канали ги гледате, од тоа кои сајтови ги следите, зимата ќе биде без ниски температури или ќе биде со екстремно ниски температури. Важно продолжува медиумската тортура во вид на “реални шоуа“ и бескрајни сапуници во кои убавините немаат крај.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци