Sunday, November 22, 2015

Блузирање (185-215)

(прва кавадаречка колумна)

Плаќаш карта за театарска претстава, ти ја прегледуваат на вратата, те упатуваат на твоето седиште, седнуваш на некое друго и започнуваш да грицкаш семки. Купуваш карта за хуманитарен концерт и прашуваш на вратата дали може двајца да влезат со неа, те одбиваат и ги пцуеш организаторите. Ти даваат покана за концерт на класична музика, велиш фала, фала, и по десет метри ја фрлаш на улица, а случајно си професор по музичко образование. Ти даваат покана за ликовна изложба, ја ставаш во џебот, на три метри понатаму сочно му даваш по капата на авторот за кого првпат слушаш, а случајно си ликовен уметник. Ти даваат покана за поетска вечер, никој не знае што и правиш на истата, не доаѓаш и фрлаш дрвја и камења по организаторот, затоа што не те викнале да прочиташ некоја твоја песна, а ваму никој нема поим дека и ти си бил бре поет. Еднаш си бил на театарска претстава, некој ти кажал дека било многу смешно, ама не ти се допаднало чуството, оти глумците премногу зборувале додека си разговарал на мобилниот телефон. Безобразни едни и тоа глумците и поетите и уметниците и музичарите, не дај Боже да ти дојдат дома па да ти сликат, пеат, рецитират и глумат, ебати тоа безобразните организатори, дури и карти наплаќат за култура и уметност. Стварно безобразни, дури и не те тераат со сила да конзумираш култура и уметност. Мир да се немало, од нив да не може човек достоинствено да “кисне“ по кладилници или со лезет да густира пет – шест саати едно кафе по тоа бавчите на кафенињата. Ма безобразници, па дури направиле тоа културата и уметноста да е во исто време и на различни места, арно ама со врзан тајминг со бескрајните сапуници и серии, турбо фолк пеачки натпревари и риалити папазјании. Да не можиш на раат да си го тераш животецот. Џабе ли плаќам кабловска? Ма терај си бре пријателе, од прва до последна. Само биди ти жив и здрав, нека се збие на телевизиите, само што “Кавадаречка династија“ на Радио Кавадарци беше пред 30 години, па одлепи троа, еве не кај дебело загазивме во 21 век, со тебе или без тебе, не ќе да е многу важно. Не дека дупките по улиците се помали од пред 30 години, ама демек сме понапред. Барем така велат рекламите по телевизиите, кои се ептен далеку од серизни медиуми...
Има така некои денови, кога човек има потреба троа да се прошета, да види народ, да се релаксира. Арно ама, еден куп, море цело стадо гладни кучиња скитници му се мотаат низ нозете и си велиш, онака, тивко, претивко, да не чуе никој – немам за мене, та ќе ранам кучиња! И додека си го велиш тоа, по тимбата те удираат инвестициите, ти велат ќути бре будала, ете ти плоштад, ете ти ја “Илинденска“ па шетај малку, стави ги рацете на газот и релаксирај се меѓу две серии, како што тоа го прават сите кои ги гледаат предмалку спомнатите телевизии.
И додека си го тераме своето, та невладин сектор, та волшебни ламби, та фина забава во петок навечер, а во сабота се срамиме од себе, Кавадарци ги губи неповратно најубавите деца. Фатија нова татковина (се повторувам нели, ама така треба). Ете, пред некој ден, еден доктор – специјалист, дојден на кратко овде колку да си го види семејството, ми вели: Блузеру, џабе везеш!
П.С. Иде Нова година. Уште една, најверојатно иста или никаква - по дефиниција. Ко‘ детски фестивал во Кавадарци. А за детскиот фестивал – во некое друго наше дружење. Оти смрдат нештата. До небо.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци