Thursday, March 31, 2016

Блузирање (194-224)

(прва кавадаречка колумна)

Април 2016 ќе започне со промоцијата на втората книга/збирка вицови на еден од последните урбани градски ликови на Кавадарци – Златко Вузевски Паја. Книгата носи наслов “Лакрдиите на Паја“. Овде можеме да го кажеме и тоа дека овој наслов прв го предложи неговиот син Сергеј, без никаква намера да биде кум на книгата, но едноставноста на неговата детска наивност донесе еден типичен кавадаречки наслов. “Јеби га“ – чие дете е! Ма би се повторил по којзнае кој пат, ама ќе кажам дека ми е чест што сум дел од креирањето и на втората книга на Паја и дел од промоцијата. А тоа што промоцијата е на 1 април, на таканаречениот Ден на шегата, не значи дека овој хумористичен продукт на Паја е несериозен. Напротив. Како што тој ќе наведе  во неговата прва книга “Ѕидот на Паја“ – “... Смеењето е сериозна работа. Треба да имаш душа и троа мозок, па да ти функционира смеалото, баш онака од срце.“. Како еден од луѓето од поубавата приказна за Кавадарци кои ги знам од поодамна, за Паја не можам да се сетам кога првпат го запознав. Можеби поради тоа имам чуство дека го знам одсекогаш. И многу ми е мило поради тоа. Ете ден пред промоцијата направивме “генерална проба“ на утрешниот ден. Фала Зоки Чавка на моментот и на блузот. Ќе се сетиме секако и на тебе и на тоа што го планираш во деновите кои доаѓаат.
Впрочем го имам сличното чувство и за можеби најголемиот ликовен уметник кој Кавадарци некогаш го имал – Ристо Соколов Сокол. Чинам дека нема битен момент во животов кој не ми е поврзан со него. Можеби од таму и уште едно чувство – дека ми недостига секој момент од кога замина на Свети Трифун 2015. И ете, токму во април, на 16-ти, се навршуваат 59 години од неговото раѓање. Таа, не толку далечна 1957, на сам ден Велигден е неговото раѓање. Дете на Дреново, а поголем Кавадарчанец, богами не се родил никогаш. Ма секојдневно ги гледаме неговите оставени (уметнички) траги во бројните јавни простори, за кои многумина и не знаат дека се токму негови, на Ристо Соколов Сокол. А токму едно од нештата кои ќе ги паметам додека сум жив е дека во 2010 не собра и од нас направи убавина која сеуште трае, не направи дел од тимот на “Сокол Арт“, како што носеше наслов и неговото отворено ателје Уметничкото студио “Сокол Арт“, барем досега единствената градска слободна уметничка територија во Кавадарци. Токму на 16 април 2016, ќе го одбележиме Денот на неговото раѓање, баш онака како што му прилега на Рики, со уметнички перформанс, со дружење иницирано од неговите соработници и најблиски пријатели. Оти ден кога се родил добар човек и голем уметник не е ништо друго, туку празник над празниците. И да, местото на кое што ќе се случи уметничкиот празник е местото кое за Ристо беше еден од неговите домови и отворени ателјеа, во “Астрато“, кај Дејан добриот човек, кулинарскиот и ликовен уметник, каде денес е еден од неофицијалните домови на “Сокол Арт“ и од каде што започнуваат и се прераскажуваат сите сеќавања за големиот човек и уметник Ристо Соколов Сокол - Човекот и уметник за кого и светот беше претесен.
П.С. За слободата станува збор. Оти слободен поединец, значи и слободно општество. Особено за креативците и творците, уметниците и професионалците во културата и уметноста. Од тука се започнува. Ниту едно општество не се офајдило од едноумието, особено од штанцаната “уметност“ со која се негира радоста на творењето и освен искривоколчени вредности и задоволување на нечии ситни лични интереси, не носи ништо друго освен - тажни и исплашени луѓе. А до луѓето ќе да е белки, мајка му стара?!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Tuesday, March 22, 2016

Блузирање (193-223)

(прва кавадаречка колумна)

"Moja prva i najveća želja bi bila da se probudim i da ustanovim da je 1990 godina i da kažem: Uh, al sam nešto ružno sanjao" (Milan Mladenović, EKV)

Големиот актер Драган Николиќ беше само еден од последните кои заминаа засекогаш од сцената, оставајќи не да се запрашаме – Остана ли уште некој кој ќе ги чува сеќавањата на поубавата страна на животот? Ова доаѓа само по себе по заминувањето на дузина великани од сите области на уметноста последните неколку месеци низ целиот свет. А сите до еден толку големи што е едноставно неопишливо. Толку сториле за нас со својата уметност, што едноставно не постои мерка за вредност преку која би направиле споредба со она што го направија “нашите“ политички талибани за овие дваесет и пет години транзициска самостојност. Едноставно е неспоредливо. Транзициските политички и бизнис деликвенти со нивното подмолно делување буквално ни украдоа дваесет и пет години од животот. И што сега? Ништо! Можете комотно да се префрлите на некоја друга адреса и да читате нешто што не ве вознемирува, не ве плаши и не ве тера јавно да си ги кажете маките. Едноставноста на постоењето сепак не подразбира молчење, вртење грб на нелагодните (пот)прашања или фрлање во прегратката на “има и бетер“. Има, така ни е и по дома. Бетер, да не може побетер. Наведната глава сабја не ја сече?! Да бе, ајде пробајте, има да ви летне и потскокнува ко’ пинг – понг топче. Стравот, стравот почитувани намерни или случајни сопатници на блузирањето е пострашен и од смртта. А смртта? Таа неминовно доаѓа. Ама, што дотогаш?!
Дотогаш ќе ја средиме новата книга на Паја, човекот кој со својот живот докажува дека може и поинаку. Еден куп луѓе од најразлични провиниенции  се шлепуваат со години на неговиот (вроден) талент, ама ете го човекот, со сите перформанси на урбана градска легенда, наскоро ќе ја истопори пред нас неговата втора збирка на вицови, прераскажани на кавадаречки. Ама баш на кавадаречки. Доколку ви падне во раце книгата, немојте да се грижете – и вас ве има таму! Само внимателно читајте, оти вицот не е виц, ако не се погледнете во огледало и (скришум) проговерете – во право е Паја. На промоцијата која (најверојатно) ќе се случи на извиканиот 1-ви април, ќе се подружиме во Домот на културата, ќе послушаме малку добра музика во изведба на кавадаречки трубадури, ќе мавниме некоја чашка добро вино и троа ќе се поднасмееме на наша сметка. И да, ако не сте подготвени за заебанција на ваша сметка, ич и не доаѓајте на промоцијата. Оти, станува збор за лакрдии и тоа “Лакрдиите на Паја“. И доколку во исто време престанеме да постоиме и како луѓе, Паја секако ќе ни подаде рака и по катастрофата ќе го пружиме првиот чекор кон нешто ново, непознато и којзнае, можеби кон нешто поубаво. Оти од вчера, та и завчера, овде ништо не е исто.
Не дека е потребно, ама еве уште еднаш да спомнеме дека годинава се навржуваат 20 години од одржувањето на најдобриот рок фестивал во независна (транзициска) Македонија – “Тиквеш Рок Фест ‘Unplugged’96“. Зошто најдобриот?! Затоа! Оти храброста да се направи рок фестивал, да се стори нешто спротивно на сите воспоставени критериуми и тогаш и денес е храброст. Неверојатна храброст. За среќа на сите нас кои знаеме понекогаш да изненадиме правејќи некои фини градски нешта, постои доволно архива да средиме едно наменско и јубилејно документарно парче, па да се потсетиме како тоа беше пред дваесет години во Кавадарци (24, 25, 31 мај и 1 јуни 1996).
П.С. Последниот викенд на март ќе ни донесе еден час повеќе дневна светлина. Мрак и онака имаме доволно. А не е да не е, постојат повеќе видови на “мрак“. Еден од нив е кога “весело“ семејство ќе ти се вселе во зградата во која живееш и кога на твоето укажување за преголемата галама и тропање од рано сабајле до доцна навечер ќе ти одговорат “дека им треба време да се навикнат да живеат во зграда, оти првпат го прават тоа“. Стварно боле кога е првпат!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Saturday, March 5, 2016

Блузирање (192-222)

(прва кавадаречка колумна)

Некаде почетокот на 1992 година седнавме и одлучивме: Ќе правиме рок фестивал во Кавадарци! Заради веродостојноста на сеќавањето, мора да се каже дека седенката беше во клубот “Баухаус“, едно од култните слободарски места во градот. Баухаус е можеби првото место во градот каде што се случија вистински клубски рок свирки. Но, тоа е приказна за некои идни блузирања. На фестивалот му дадовме “обичен“ наслов – Тиквеш Рок фест. И го направивме истата година во месец мај! Дванаесет рок бендови учествуваа на фестивалот, од кои единаесет беа од Кавадарци, еден од Неготино. Победи Skylab -  Бејбис, Стојка, Гиле и Лазо. Гости беа Зијан (Гевгелија), Боб Рок (Штип) и Александрија (Штип). Се одржа во салата на кавадаречкиот Дом на култура. Исто како и наредниот на кој се чекаше четири години. За градот е (не)важно тоа што ни пред тоа, ни тогаш, ниту пак потоа, нема никакво разбирање за ваква манифестација. А за неверување е нели, дека во 1992 година во Кавадарци рокаа единаесет рок бендови. Ни пред тоа, ни после тоа се нема случено такво нешто, единасет рок бендови бре! Арно ама, да се немало никаков урбан сензибилитет и тоа во градот во кој е одржано големото финале (на Градскиот стадион) на првиот релевантен македонски рок фестивал во организација на (тогашното) списание “Екран“ во 1981 година. Затоа и денес тврдам дека “легендата“ која упорно се протура од едикојси, за Кавадарци како град на рок музиката, не само што не е точна, туку е и далеку од секаква помисла. Да не се ретките ентузијасти и прекалени борци со ветерници да го прекршат правилото и дефиницијата за Кавадарци, најверојатно нашиот град гордо би ја носел титулата на квази турбо – фолк престолнина. Зошто? Затоа!
Инаку и во Кавадарци е март месец. А во март официјално започнува пролетта, иако како и многу други нешта овде тоа не е сигурно стопроцентно, оти овде најчесто нештата не го тераат пропишаниот терк. А во пролет и сезона на големи генералки, чистења, проветрувања, фарбања, освежувања и други слични хигиенски тракатанци. И така е редот. Она што сме го искашкале преку зима, да го подзачистиме, не за другите, туку за нас. Арно ама, вообичаено тоа не го правиме. Ете и депонијата во горниот тек на Луда Мара ја исчистија белосветски волонтери, не од што многу не сакаат, туку и тие да ни покажат колку не не бива и не водиме грижа за она што е заедничко. Овде му доаѓа дека заедничкото е – ничие. Примери многу: испокршени клупи и корпи за отпадоци низ градот, деформирани детски игралишта, здробени контејнери за смет, тоалетите по јавните институции се со испокршени клозетски шолји, капаци, казанчиња, украдени славини за чешми и така ли му натаму. Од кучињата скитници сите се плашиме, а нема никаква реакција, ниту пак пристојна граѓанска иницијатива. А ваму се топориме со големата бројка на субјекти во таканаречениот невладин сектор.
И додека зимата, која и оваа година не донесе снежни задоволства, ги одбројува своите последни календарски денови, ни останува само да се надеваме дека со потоплите денови конечно ќе излеземе на чисто со контроверзијата која не следи со години – Кавадарци е град со загаден воздух или не?! Подолг период стивна и медиумското лицитирање со бројките на заболени од канцер. Како да ни е сеедно, ебати!
П.С. Настаните кои ќе се случат годинава во Кавадарци, а кои ги препорачувам и очекувам, се од различен карактер и содржина. Во 2016 на лето ќе се одржи јубилејната, петта Меморијална мултимедијална манифестација “Денот кога се роди добриот човек“, наскоро ќе излезе и ќе се промовира втората книга на Златко Вузевски Паја, крајот на летото ќе се случи изложба на фотографии на Гордан Ристовски Гого, а се надевам во текот на годината и првата самостојна изложба на младиот ликовен уметник Трајче Јованов. Ако успеам да ја издадам својата втора книга и неа ќе ја вбројам во очекуваните настани. Впрочем, подобро да издадиш книга, отколку да го издадиш ближниот свој! Ех историјо, да ти се плукнам во интерпретаторите.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци