Monday, June 6, 2016

Блузирање (198-228)



(прва кавадаречка колумна)

Убав месец – јуни. Голем дел од моите најдраги луѓе се родени во него. За жал, со повеќето се среќавам ретко. Дел, од што им е многу фино во Кавадарци фатија џенем, кој во главниот град, кој илјадници километри надвор од границите на државата. И нека. Така им е подобро. Се радувам на секој нивни успех, на секој нивни убав ден, се радувам на нивниот живот ослободен од стресот на (пре)малиот град, ослободени од разно – разните паланечки дегустации на туѓа интима и буричкање во раните од ебената транзиција на која деновиве и одбележуваме две и пол децениски јубилеј. Каков јубилеј – страшен јубилеј! Како што оди, ќе одбележуваме уште многу јубилеи и од сега може да се предвиди дека државата ни ќе биде своевидна светска атракција со единствениот  “Циркус транзиција“ уште мнооогу години. Не е така? Незнам, не сум видовит!
Не е да не е, овој пролетно/летен месец на Кавадарци му носи и некои несекојдневни нешта во вид на политички/економски/спонзорски/фестивалски/турбофолкерски/еколошки/икојзнаекаквисене новитети. А нема од јуни поминато ниту десет дена. Веселите нешта се редат и неверојатно е голема радоста на кавадарчани поради фарбањето на оградата на дворот од најстарото градско основно училиште под покровителство на најголемиот градски “вработувач“ – некое кило боја на железна ограда стара пеесетина години, како доказ дека “покровителот“ се решил да стане општествено одговорна фирма. Еколозите пак се решиле, во содејство со спонзори и покровители, на таканаречениот светски ден на екологијата да го подзачистат Тиквешкото езеро. А нешто акции, ова – она останатите денови од годината? Или се ни е потаман и пречисто 364 дена, ама овој светскиот ден ептен ѓубре на тоа езерото?! Незнам дали некаде е спомнато низ медиумите, ама се зборува низ градот дека уште еден извикан голем “вработувач“ влегува во нова ера на општествено одговорно живеење и во тој контекст се спомнува бројка од над двеста луѓе кои остануваат без работа. Загадувал, не загадувал, си го тера своето, спонзорирајќи и онака нафатирани поединци, сосе синдикатот, за кој се шират муабети низ кавадаречката чаршија дека му тропнале извршители на вратата. Којзнае дали е точно, ама економската историја на градот се пишува и натаму со дебели букви, се додека не дојде шумарот и ја спотера работата за која е платен. И додека најважната градска улица “Илинденска“ полека останува без тротоари на кои, нели, основната намена им е по нив да се движат пешаците, мороните со скапи возила се паркираат на сред улица, на пешачки, пред влезови на згради и куќи, бројката на узурпатори се зголемува, па моменталната состојба е таква што на тротоарите има повеќе маси и столчиња на привилегираните локали, отколку пешаци, а со дополнителната узурпација со поставувањето на преголеми скали пред дуќаните, на остатокот од тротоарите имаме тесни патеки на кои ако не внимавате можете онака “фино – лепо“ да завршите во нечиј излог и доживотно да жалите што на времето сте пиеле кафе во соседното кафуле, на времето кога градот бил нормален и се било достапно без некоја будала да се обиде да ве згази на тротоарот, кој и онака дотраал и е полн вирчиња и остатоци од вчерашниот ден.
И додека по социјалните мрежи продолжува (фотографското и статусно) сведочење за нашата реалност, додека секојдневието секој “факинг“ момент ни укажува на изгубените години, општествената моронизација во Кавадарци ќе достигне кулминација со концертот на балканската турбо фолк ѕвезда Аца Лукас во спортската сала “Јасмин“. Според достапните информации, оваа (недовршена и низ годините “изнаонадена“) спортска и градежна убавица тој ден ќе наликува на кафеана со сите перформанси кои стојат под дефиницијата за – кафеана. Ќе се пуши и пие максимално слободно, додека вие како редовни посетители на спортски натпревари во истата не смеете ниту семки да грицкате. А и не е лошо да се потсетиме дека оваа спортска сала е градена со парите на граѓаните на општина Кавадарци, во еден од ретките успешни општински самопридонеси, каде граѓаните од своите лични доходи извојуваа средства за да Кавадарци еден ден биде пристојно место за живеење.
П.С. Деновиве ме прашаа зошто не сум коментирал, пишувал и бележел за актуелните случувања низ државата(па и низ градот). За протестите и котрапротестите, за шарената револуција и куртоните, инвестициите и пропаста, за мижи Асан да ти баам, за велелепноста на нашата историја и копиите на странските брендови, за загадувањето и на умот и на околината, за (не) културата и слични некои тракатанци, за кои, види ти сега работа -  пишувам од првото издание на оваа (безобразно и самобендисано наречена) прва кавадаречка колумна, чија пак денешна бројка на редослед ја прочитавте погоре – 228 издание по ред (и со букви – двеста дваесет и осмо издание по ред). А што ВИЕ направивте за Кавадарци?

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци