Tuesday, August 30, 2016

Блузирање (202-232)

(прва кавадаречка колумна)

Крај на август 2016. Уште едно лето во Кавадарци е зад нас. По што ли ќе го запаметат денешните генерации, особено оние родени кон крајот на девеесетите на минатиот век и оние родени на почетокот на овој век?! Најверојатно по многу нешта несфатливи за нас генерациите кои денес гордо се нарекуваме средновечни, барем оние што останавме (сега – засега) во Кавадарци. Нејсе, летото по дефиниција би требало да биде нешто лежерно и за конзумирање и за “терање“. Тоа што нема кој да им биде пример на денешните генерации е само ефтин доказ дека низ годините наназад имаме неколку изгубени генерации на кавадарчани, чиј човечки и општествен домет е до чаршијата и околните места. Блазе си им. Не се замараат со светските актуелности. Особено што  со новитетите кои го олеснуваат животот, тие си го уништуваат животот. Оксиморон?! Појма немам!
А има некои лета за паметење кои му се случиле на Кавадарци низ годините наназад. Зборувам, нели, од прва рака еднина, односно за оние лета на кои авторот на овие редови е сведок. И тоа активен. На пример, за летото кое е предвестие на големите летни доживувања (наредните години) во Кавадарци, 1989/1990, кога распонот на градските ноќни ваканции се движеше од “Еми“ и “ТТ“ до “Сачмо Блуз“ и “Џинго“. Дневната летна шема во тоа време не подразбираше кафе лигавење по трендовски локали, туку ефектно дружење во “Бос“ и “Дечки“ со кафе и се што ќе му дојде потоа, со понекоја лимунада, боза и сладолед во соседната (стара) “Палма“, па додека се свртиш дошол осум навечер и заминуваш таму каде ти е екипата. Денешните генерации не го измислија излегувањето до изгрејсонце. Напротив, генерациите кои ги тераа градските шеми (ама баш градските шеми) во тоа време, не излегуваа да терат вечерно излегување во единаесет пред полноќ, туку беа во своите омилени ноќни локали во осум навечер. Ако имаа среќа да најдат место за седнување. Арно ама, во тоа време локалите имаа перфектни шанкови, така да се беше во ред.
Не еднаш сум раскажувал на ова место приказни за тоа време, особено за почетоците на девеесетите, за “Парк Клуб“, за “Ла Луна“, за големите концерти во нив, за “Галерија“, за вонвременското “Еми“ на Зоки Чавката, за “Баухаус“, за “Тиквеш Рок Фест“, приказните за урбаната историја на градот Кавадарци. Денес, денес е некоја друга приказна. Погрда?! Најверојатно. Можеби грешам, којзнае. Ама генерациите кои денес раните утрински часови ги поминуваат по детските игралишта врескајќи како нетокму, сметајќи им на сите кои решиле да поспијат по работниот ден, незнаејќи што да прават самите со себе, не ветуваат (меѓу другото) дека во скоро време Кавадарци ќе ја заслужи титулата - Пристојно место за живеење. Да, живеам јас во овој град и се давам себеси во поентата на оваа колумна, особено во делот со кој што пристојно владеам – културата и уметноста. Дали сум задоволен? Далеку од тоа. На пример знае ли некој дека деновиве во Кавадарци, во посета на семејството е еден од најдобрите македонски ликовни уметници – Глигор Стефанов? Да де, првиот учесник на Венецијанското биенале од самостојна Македонија. Знае ли некој за големата меѓународна ликовна колонија која му се случи деновиве на Кавадарци?! И ако знаете, сте се запрашале ли зошто тој истиот Глигор Стефанов со своето семејство живее во Канада? Е па јас за тоа се прашувам секојдневно и за сличните нешта пишувам често. Оти не ми е сеедно за тоа што се случува во Кавадарци, не ми е сеедно утре со првото кафе да разберам кој се иселил од градот, чија куќа е оставена на заборавот.
Арно ама и утре е нов ден... И не ќе лошо да се отрезниме пред да си легниме...
П.С. Деновиве интензивно размислувам што тоа интересно ќе ни понуди Кавадарци во првите денови на септември оваа година?! Даа, Тиквешкиот гроздобер! Ве слушам како се смеете по моите “страшни“ критики за неговото минатогодишно издание. Ма не сум го сменил мислењето, само им давам шанса годинава на организаторите, оти во склопот на Гроздоберот е и концертот на неверојатните “Парни Ваљак“. А во предвечерјето на концертот – отворање на една фина изложба на уметнички фотографии во Галеријата на Домот на културата “Иван Мазов – Климе“, на еден посебен човек, еден извонреден фотограф, роден кавадарчанец кој подеднакво си ги сака и двете татковини Македонија и Швајцарија – Гордан Ристовски Гого. На 1-ви септември е отворањето на неговата изложба, па ќе се збериме и ќе си поминеме баш како што треба. Ете така ќе го започнеме месецот!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Thursday, August 11, 2016

Блузирање (201-231)

(прва кавадаречка колумна)

Лето 2016. Август, време на празници, патувања и летувања. Кој, колку може... Патуваш, откриваш нови места, луѓе, култури, се откриваш повторно себеси, оној пофиниот дел од тебе...
Никогаш не сум можел да ја разберам опсесијата да бидеш власт, а за тоа да не те бива. Ниту пак сум можел да го разберам “модерното“ тресење глупости по социјалните мрежи, особено во време на трагедија која ја зафати Македонија и од која ќе ги лечиме раните со години поради неспособноста токму на желните за власт по секоја цена. Да не зборувам за ситните души кои ги истопорија “селфијата“ како помагаат во настраданите подрачја, ебати тоа лонгурите, а ваму заминати или по наредба или заради тоа што се вработени во буџетарски институции кои по дефиниција земаат плата меѓу другото и за да бидат на лице место во вакви трагични ситуации. Верувате ли во тоа дека некој од овие “хуманитарци“ замина во настраданите подрачја затоа што сакал да глиби во калта или да бара загинати и повредени?! Да не се разбереме погрешно, зборувам за луѓе од Кавадарци, оти состојбите со “храброста“ на граѓаните од останатите населени места низ Македонија ниту ми е позната, ниту пак имам намера да ја мерам, ниту да ја проценувам. Ех де!
За жал, во моментот наоѓајќи се надвор од границите на државата можам да помогнам само со донација преку некој од достапните телефони и жиро сметки (види ти – достапни во сите соседни земји), ама приказните кои ги раскажуваат дебело квазиполитички исфлеканите персони од нашиот град, веќе прочитани во нивните ситнопрофитерски души, нема да помогнат во “перењето“ на нивниот животопис, колку и длабоко да влеваат во калта на настраданите подрачја. Оти калта е она што им останува по шминкерајот и пуфките кои со (факинг транзициски) години ги продаваат.
Кога патуваш и за кратко се стационираш на едно место, основното е да се прилагодиш и да бидеш дел од средината, едноставно кажано – да не делиш од другите (а пак да си свој), со други зборови да го прифатиш секојдневието на градот во кој си моментално. Немам намера да правам некаква споредба. Несебар, Бугарија, е град на море, на Црно море. Врвен туризам, одлични сместувачки капацитети, перфектна услуга, се чуствуваш добредојден, цени на прехрамбени продукти и цени во ресторани во споредба со Кавадарци – исто до 20 – 25 % поефтино. И тука завршува споредбата.
Љубопитноста, основна и човечка, ме наведе да прошетам во деловите на градот (Несебар) каде луѓето го живеат секојдневниот живот како и во деловите од годината кога нема туристи (од целиот свет). Ме импресионира градското зеленило. Несебар нема класичен градски парк, ама затоа пак тревни површини, стогодишни дрва на секој чекор. Настрана карактеристиките на приморски град - палми и слични крајморски зелени нешта, одржувани и респектирани од сите максимално. А бе случајно фрлен пикавец да бараш, не можеш да најдеш.
Размислувајќи за Кавадарци, ме вртат сеќавањата на “Илинденска“ со дебелите сенки од пеесетгодишните дрвореди (буквално заклани, пустош е сега), ме вртат сеќавањата на плоштадот со зелените површини, со ладовините од боровите пред хотел “Балкан“, пред општинската зграда и спроти Домот на културата. И култната метална скулптура “Гроздоберка“ која беше врв на урбаниот квалитет на централното градско подрачје. Денес - ледина со руинирани фонтани и погрешно лоцирани жардинери со цветни аранжмани, со дупка која некој (алчен за пари ли, неписмен ли, баш го заболе ли) архитект ја замислил да биде амфитеатар и за жал опасно место за прошетка, ни се вика Градски плоштад. Па дури и име ќе му бараме!
Луда Мара е друга приказна. Река која во себе чува столетни води, кои пак еден ден во еден налет можат, благо кажано, да го збришат просторот покрај кејот и да го направат необновлив. Поплавените подрачја во скопско (со респект и почит кон жртвите и настраданите) ќе бидат приказни за мали деца, ако еден ден природата не запраша – “Шо направите бе човеци?!“
Паметам, а паметам од поодамна, и не се сеќавам последните 25 години некој во Кавадарци да излегол со некаква анализа или предупредување, што би било кога би било Луда Мара да се излее. Оти, проширениот кеј, шеталиштето покрај реката ќе бидат смешка, па макар се повториле (не дај Боже) надојдените води од почетокот на седумдесетите години на минатиот век.
Затоа, умот во главата нека берат сите кои земаат плата со години наназад токму за заштита од непогоди за кои природата е најмалку виновна. Оти, уништеното зеленило веќе ни го враќа ударот.
П.С. Да го сакаш градот во кој си роден, живееш, работиш, егзистираш е доблест. Градот се сака најлесно кога ќе ги забележиш сите неговии маани и ќе впериш со прстот во нив. Без лигавење ви се молам.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци