Sunday, January 15, 2017

Блузирање (208-238)

(прва кавадаречка колумна)

Многу често се случува, некои општествени (?!) феномени, додека не ги почуствуваш на своја кожа, едноставно ги прескокнуваш и продолжуваш понатаму. Така и јас со грипот. Кој толку силно ме вклешти ден пред Нова година, па се до Божиќ, та со високи температури чинам прогледав за уште еден феномен на негрижа кон граѓанинот. Иако и грото од медиумите ја објавија официјалната бројка за дури 40 пати (?!) поголем број на заболени од грип во државата отколку истиот период лани – никому ништо. Да, за време на неработните празнични денови не функционираа матичните доктори, та сите за преглед и коктел боцкање се “тискавме“ на Итната медицинска помош. Цел град на еден доктор... Така започна 2017 година во Кавадарци.
Екстремно ниските температури ујгун им дојдоа на сите, та сменивме тема и се зафативме со студот и неисчистените патишта, улици и тротоари од историските 15 сантиметри наврнат снег. Ниските температури го потиснаа грипот со “бапските“ приказни дека ќе го снема со првиот снег и мраз. Ај што не го снема грипот, туку снегот донесе скршеници, тротоарите и “споредните“ улици (за уличките да не зборуваме) го чекаа првото Василичарско сонце за самите да се исчистат. И оп, повторно ниски температури под нулата и најава за нови (историски?!) врнежи на снег. Во меѓувреме, грипот зема и жртви, како нус појава на тврдокорноста на општеството кое заборава дека постои за граѓаните. А дел од граѓаните ја засилија потрагата по спас од грипот, немајќи како поинаку ли, не верувајќи во системот ли или пак можеби имаат некакво поинакво искуство, па бараат чаре со домашни “лекарства“ и совети од социјалните мрежи од типот “Како да го победиш грипот за два дена“. Како? Никако! 21 век? “Иди мало причај ми о томе!“
Да се разбереме, ако овде станува збор за Кавадарци, не значи дека авторот на овие редови баш го заболе за остатокот од државата или не дај Боже светот. Оти, ако не друго, еден куп драги луѓе се надвор од градот на подолго, повеќето од нив и засекогаш, така да врескањето дека каде и да си најдобро е дома е океј, само запрашајте се патем – каде е тоа дома. Затоа потивко со забеганиот национализам, оти никому не донел добро. Никому! Особено закоравениот турбо фолк патриотизам со националистички предзнак и надзнак. Неверојатно! Капак на се се кутрите кои парче леб земаат по некои Америки и по истите тие Америки плукаат по социјалните мрежи, како да дома (да бе да видиш ти, ами таму им е дома!) семејството не им е лојално до срж на истите тие Америки. Слична приказна е со тукашните “бивши“ жители (на црно) по истите тие Америки, та и Европски унии. Истопорени по кладилници каде ја трошат и последната паричка сркајќи го истинатото еспресо од сабајле до касно навечер (секогаш со промашување на само една утакмица на ливчето), плукаат по светот кој ја мрази Македонија, истовремено барајќи начин барем уште еднаш да заминат во тој исти свет и да не се вратат никогаш овде. Патриотизам? Не, национализам од најлош уличарски тип. А бе вошки фатија, крв пуштија чешајќи се на погрешни места, шизофренија навлекоа мразејќи погрешни луѓе.
А Кавадарци? Кавадарци е сеуште на истото место. Памети овој град големи снегови, бааѓи поголеми од овие историски 15 сантиметри. Та ниту градот, ниту мојата маленкост не сме од вчера. Паметиме ние заедно од поодамна.
П.С. Во моментот, Македонија сеуште нема влада, а ближат локални избори. Отидов јас да го прочитам најновиот број на “Алан Форд“, оти некако нормална литература би му дошла овие денови. “Дилан Дог“ и “Марти Мистерија“ ќе ги чувам за напролет. И да, добрата музика и понатаму се вика рок музика. Особено ако го чекаш повратничкиот албум на Last Expedition.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment