Friday, February 24, 2017

Блузирање (210-240)

(прва кавадаречка колумна)

Ме прашаа пред некој ден зошто пишувам само за Кавадарци, а не опфаќам теми пошироко од Македонија?! Немам некој конкретен одговор, а и зошто би, ама еве прашање и од мене: Не се наоѓа Кавадарци белки на Антарктикот? Нешто слично како неуспешната трибина за загадувањето. Немало интерес кај обичните граѓани, само се силеле по социјалните мрежи. Не се силат бре, туку користат медиум јавно да го кажат своето мислење, да изразат негодување и да постават прашања. Ај што трибината беше закажана на сред работен ден, точно на пладне, туку е и непотребен гест, кога е познато дека Кавадарци е на високо место во државата по загаденост, а еколозите и службите треба да го кажат решението. Или можат да се справат со загаденоста или не. Трето нема.
Некако навикнавме нештата овде да останат недоречени, настаните да бидат недоорганизирани, улиците полуисчистени. Ете бидна и помина празникот “Свети Трифун“. Се нешто ме влече мислата дека треба да се одлучиме дали овој празник треба да се прославува или не. Да се одбележи, секако да. Ама да се прославува во години низ кои лозарството се провлекува меѓу ветувањата на политичките партии и (не)моќта на откупувачите и преработувачите да се справат со децениските проблеми, делува како некое ефтино садо – мазо порно. И вообичаено, никому ништо. Ликовите кои се демек водачи на лозарите, баш ги заболе за нив. Ете ги во првите редови на сите “ѓезми“ низ градот, како да намерно ја маргинилизираат оваа дејност и се повеќе Кавадарци и Тиквешијата го препуштаат на индустријата која привидно го води приматот на економски чинители, благодарејќи пред се на ниските лични доходи (двеста евра како дефиниција), од кои единствената корист е што низ градот (барем сега – засега) се притаија пишалките. Можеби не сум во право?
Со оглед на тоа што сум активен и на блогерајот и на социјалните мрежи, ги следам “актуелностите“ на оние што го следат моето пишување, особено мојот атипичен локалпатриотизам, толку различен од распашаните “љубители“ на Кавадарци, кои толку многу го сакаат градот што селфирајќи се (топорејќи де) заборавиле дека кафеанските маси (сосе шопската, баникот и сувомесното на нив, гарнирани со по некое варено јајце и компир салата) не се Кавадарци, оти Кавадарци е нешто друго. Пулсирањето на кавадаречкото секојдневие ми дава за право да се искашлам гласно од влијанието на загадениот воздух по моето здравје, ми дава за право да му кажам во лице на типот што се паркира на пешачки дека е сообраќаен дебил, ми дава за право со мои пари да си купам весник или списание по мој избор, а за книгите и стриповите сум спремен револуција да кренам. Не дека имам многу следбеници во градот, ама ете признавам – цел живот читам “субверзивна“ литература, особено што во последно време идоли ми се Дилан Дог и Микаел Блумквист, а Алан Форд се подразбира.
И да, ако наредниот пат на ова место прочитате нешто што не ви се допаѓа, не мора да го печатете текстот, оти нема да го бришам па можат и од овде да го читаат оние кои ве тераат да ме следите, додека вам повеќе ви се читаат новопоговорките на фејсбукот . Па мајка му стара, има милијарди сајтови на кои можете себе да се пронајдете. Мене не ме барајте онаму каде национализмот и ововековниот фашизам се обидуваат да стигматизираат. Особено ова важи за следбениците на новите фејсбук воини. Баш ме заболе за нивниот примарен антички животински инстинкт, биле тие актери, политичари, новинари, владини – невладини или фејсбук мислители. Немојте да се лигавите, немојте да ширите омраза, оти војната не донела никому добро. Така да, седете си на вашите маси по “трендовските“ кафеани, постирајте си “умни мисли“ помеѓу две селфија, патриотизирајте се до небото од преку “барата“ (а и од оваа страна) за време на паузата додека заработувате за да го платите данокот во државите каде што се наоѓате, само немојте да го (зло)употребувате зборот – војна. Во војните сите семејства се жртви. Ебати тоа воинствените!
П.С. Денеска сум свечено расположен (мене секојдневно ми е празник – го славам животот), така да можам да си дозволам да ја преслушам комплетната оставштина на загребски “Haustor”. Ма и самостојните дела на Darko Rundek. А следното наше дружење почитувани случајни или намерни сопатници во блузирањево, ќе тераме роденденска колумна. Што и како, следното читање, првите денови на март 2017.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Friday, February 10, 2017

Блузирање (209-239)

(прва кавадаречка колумна)

Некаде 1980/81 година за време на божиќните празници беше паднал многу снег во Кавадарци. На паркингот пред општинската зграда (да бе, на времето имаше паркинг во центарот на градот!) исчистивме од снег пет - шест автомобили, се преморивме и не успеавме да го пронајдеме автомобилот кој го баравме. Големите снегови ги имаше и во доцните осумдесети и раните девеесети на минатиот век. При еден таков голем снег, Кавадарци и буквално беше одсечен од светот, поради високите наноси на приодите кон градот. Низ улиците се движевме по импровизирани патеки меѓу големи ѕидови од снег. Кавадарци, односно службите задолжени за чистење на снегот одсекогаш ги изненадувал, не само снегот, туку и ниските температури вообичаени за зимата. Но и покрај тоа, нема оправдување секоја наредна зима да имаме (повторно и повторно) проблеми во движењето на возилата и особено на пешаците. Да, вина сносиме и ние граѓаните во одреден дел. Оти, нема од Скопје да дојде братучед ти да ти исчисти пред порта, ако не ја фатиш лопатата и ти и комшиите околу тебе. За дел од дуќанџиите и да не зборувам. Сакаме муштерии, а пред дуќан пола метро снег. А ваму се истопориле на (во моментот) трендовската “Илинденска“. Среќа, дојде февруари и не заврна повторно снег, само троа газевме кал. Ебати среќата!
И во 2017 влеговме со катастрофална сообраќајна некултура во Кавадарци. Дно! Треба ли нешто повеќе муабет за тоа или да ве вратам на препрочитување на блузирањето наназад барем една година?! Јануари и речиси половина февруари годинава, само ја потврдуваат сообраќајната мизерија во градот. И возачка и пешачка. Кому како му дошло.
Нешто друго ми е интересно овие денови. Експанзијата на (стари) фотографии од Кавадарци и Тиквешијата по социјалните мрежи. Па едно воодушевување, па ова, па она... А се би било поверодостојно (коментари и сл.) ако во изминатите години одвоевте час – два од вашите животи и посетевте некоја од изложбите низ градот на кои беа поставени токму фотографиите на кои сега се правете паметни и познавачи на (не) приликите во и низ Кавадарци, денес и во минатото. Неколку фото монографии со истите тие фотографии се на распоагање дваесетина години наназад, а и на интернет повеќето од нив се достапни десетина години. Не за друго, атер за дупките по улиците и тоа шодерот по тротоарите.
П.С. Уште од самото донесување на Законот за забрана на пушење на јавни места, сметам дека иако е “проевропски“, овие транзициони години на башибозук во државата е еден од последните закони кои воопшто требаше да се усвојат и практикуваат, барем додека му дојде реално време на донесување... Секоја чест на непушачите и нивните основни права да дишат чист водух. А бре, се испотрувме секодневно од “непознати“ загадувачи, па не видов дека некој се побуни против екстремното загадување овие денови, ниту пак некој е санкциониран поради тоа од страна на државата.  И ете, и покрај тоа што ми (ни) ги бројат парите потрошени за цигари, (тие истите) не видов дека купиле пристоен стан, направиле куќа или возат некоја страшна машина, нешто не видов дека децата им се школуваат во елитни образовни институции од заштеденото. Настрана тоа што никому не му пречат привилигираните кафеани каде воопшто не се почитува Законот за забрана на пушење на јавни места. Арно ама тие се трендовски и престиж е да се биде во нив и патем да се направат стотици селфија. Ебати престижот, ебати! И не ќе е до цигарите најголемиот проблем во народното достоинство. Некое друго пушење ќе да конструира монструми и ортодоксни лигуши и ебиветровци. А?

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци