Saturday, March 25, 2017

Блузирање (212-242)

(прва кавадаречка колумна)

“...Кога нацистите дојдоа да ги одведат комунистите, молчев; па јас не бев комунист. Кога ги позатвораа социјалдемократите, молчев; па јас не бев социјалдемократ. Кога дојдоа по синдикалците, не протестирав; па јас не сум синдикалец. Кога дојдоа по Евреите, не протестирав; па јас не сум Евреин. Кога дојдоа по мене, немаше повеќе никој кој би протестирал...“

(Ова е дел од песна напишана од протестантскиот пастор и теолог Мартин Нимелер (Martin Niemöller, 1892-1984), кој на почетокот го подржувал националсоцијализмот, за на крајот и самиот да заврши во концентрационен логор)

Таму некаде средината на девеесетите, на тогашно радио Кавадарци заедно со техничкиот реализатор Трајче Панов ја теравме авторската емисија “Музички клуб“. Со мали (објективно/субјективни) паузи емисијата со малку поинаква музика одеше на програмата неколку години во истиот термин – сабота од 17.15 до 19 часот. Се додека една амбициозна директорка не побара да се промени терминот. А промената на терминот значеше започнување одново на една веќе етаблирана музичка емисија во која гостуваа еден куп познати музички имиња од Македонија и Балканот. И по 207 изданија емисијата ја згаснавме. Често овде сум спомнувал за музичките имиња кои ги нагостивме, но можеби најголемиот предизвик во таа емисија беше раскажувањето музички приказни, рецензии на албуми, следењето на концерти и музички фестивали. Секако, стануваше збор за квалитетна музика од домашната и светска сцена. Емисијата “Музички клуб“ одеше во време кога интернетот не беше на располагање, па информациите и самата музика се набавуваа на малку поинаков начин. Ја користевме богатата фонотека на Радио Кавадарци (плочи, синглови, касети), но без сопствениот ангажман во набавката на нова, актуелна и квалитетна музика, предизвикот да се направи нешто квалитетно и слушано, воопшто немаше да постои и да не дотурка до 207 средби со слушатели и љубители на малку поинаква музика, реткост во тоа време во етерот. Во ова блузирање толку за оваа емисија, во некоја наредна прилика повеќе, освен информацијата за феноменот на техничката реализација на емисијата: Имено, користевме се од техниката која ни беше достапна во радиото. На почетокот два магнетофони – ленташи на кои ги подготвуваме меѓу другото и најавните/одјавните шпици и џинглови, два грамофони и два дека. Со текот на времето “приклучивме“ два ЦД плеера и компјутер. Така да на крајот техничкиот реализатор Трајче Панов ракуваше со девет апарати, плус миксета и секако микрофонот на водителот и авторот, мојата маленкост. Задоволството од реализираното, трае до денес.
Изминатиот викенд патот ме наведе до Градскиот парк. По којзнае кој пат се воодушевував на скулптурата “Детето со бродче“ (никој не знае како точно се вика, ама не е ни важно тоа). Од доцните пеесети на минатиот век стои на истото место и повторно и повторно блика со својата модерност и смиреност. За жал, влезот во Градскиот парк е дебело мангупски руиниран. Тревните површини уништени. Треба ли коментар?! Велелепната “Костурница“ сеуште е на истото место и фасцинира и таа (повторно) со својата модерност и смиреност. А бе грди се тоа, дел урнати дел запуштени и заборавени, канделабрите кои некој на времето паметно ги поставил да ја осветлуваат патеката кон Костурницата. Заслужуваме генерациите кои се раѓаат во овие денешни (не) времиња да не проколнуваат за она што (не) сме го сториле. А паркот кавадаречки, па макар субјективно звучело, со својата местоположба и грандиозност со децении е еден од најубавите на Балканот. Арно ама, со моторите кои без никаков усул фрчат по пешачките патеки, прашање на време е кога некоја чаламџиска моторизирана будала ќе направи некоја белја. Оти да се разбереме, кавадаречкиот Градски парк е за прошетки, а не за курназење.
А пролет е и во Кавадарци. Сезоната на топорење по летните бавчи е отворена. Ете ме и мене како чат – пат се “топорам“. Добро е што сеуште има по малку место за пешаците на тротоарите на “Илинденска“. Да, особено меѓу моторите паркирани каде што и не му местото, па оние најспособните некако се “дутнат“. За велосипедите и нема место во оваа приказна. За нив останаа планините. Освен за типовите како авторот на овие редови, кој упорно докажува дека во град без велосипедски патеки (утопија) местото на велосипедистите е на коловозите. Да, пролет е и во Кавадарци.
П.С. Да се потсетиме дека нови албуми последните месеци исфрлија Depeche Mode – “Spirit”, Neil Young – “Peace Trail”, The Rolling Stones – “Blue & Lonesome”, Metallica – “Hardwired”. Пред тоа последните авторски (и животни) изданија ги исфрлија David Bowie и Leonard Cohen. Тоа од ветераните. Еден куп добри албуми месециве наназад се на располагање. Ако пак сеуште сте навлечени на стопати преџваканото етно (кое како world музика сеуште извонредно котира на светската сцена, ама содржи и оригинален авторски белег, за разлика од тукашната продукција која воглавно ни нуди срања спакувани во квази етно формат), џабе сте изгубиле време читајќи ја колумнава.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Tuesday, March 14, 2017

Блузирање (211-241)

(прва кавадаречка колумна)

Првото издание на “Блузирање“ беше објавено на 20 ноември 2004, во првиот број на двонеделникот “Тиквешка хроника“, кој излегуваше точно две години и на чиј тираж можат да му позавидат повеќето од денешните дневни весници во државата. Оваа колумна, самобендисано наречена “прва кавадаречка“, по згаснувањето на “Тиквешка хроника“ го започна своето патешествие на интернет, на една од македонските блог платформи, за да денес е на адресата на која моментално ја читате. Дел хроничарски настроена, дел критички, ретко благонаклоно кон општествените (не)случувања поврзани исклучиво со и за Кавадарци. Толку за неа, само уште информацијата дека еден ден (наскоро?!), ама еден стварно убав ден, сите изданија на “Блузирање“ ќе доживеат и печатен формат, па кому како иде. И да, навистина е прва кавадаречка колумна. И официјално. И не е ова воопшто јубилеј на колумната. За друго станува збор. Се допаѓало тоа некому или не, авторот на овие редови продолжува понатаму и покрај сите перипетии низ годините минати, што приватно, што професионално, па ако сте расположени и понатаму за читање, да продолжиме. Ако не, никому ништо, овде завршува нашето дружење.
Ако продолживте со читање, еве што ми беше зборот. Со оглед на тоа што авторот на овие редови заокружи полувековно битисување во овој град, случајно или намерно наречен Кавадарци, има право да раскажува приказни. Ама вистински! Пеесет години (и со бројка – 50) живеење во Кавадарци (истовремено и 50 години воопшто живеење) тераат на размислување за некаква ретроспектива. Со оглед на тоа што не сум којзнае каков носталгичар за тоа што било и поминало, мојот основен мотив во овие писанија е утописката размисла “Кавадарци – пристојно место за живеење“. Да, малку поинаков локалпатриотизам. Алтернативен, андерграунд, кој ли ќе го знае?!
Според денешна точка на гледање, Кавадарци е такво какво што е, раширено околу градскиот плоштад, а плоштадот – ледина. И сега што? Ништо! Овој месец (3 март) истерав пола век битисување (приватно/професионално) на планетава. На планетава, оти тесни и кусогледи ми се националните кошули и се што е фино и ново, различно и храбро, ми е драго и секако со подршка за освојување на нови и слободни општествени простори и форми. Да, граѓанин сум на Македонија, ама тоа не ме спречува да се интересирам за светските различности, особено што рокенролот ми е константа, блузот ми е база, добрата книга радост, на уметноста и се поклонувам, а за се друго побарајте ме во урбаното подземје на градот, во друштво на троа поинакви и ептен интересни луѓе. Добар дел од нив заминаа на овој или на оној начин, ама сеуште не има, така да плачките по Кавадарци кое некогаш било баш и не ми се многу по ќеиф. Оти денот е да се (пре)живее и во него да се остави дел од себе, како мисла, дело, белег, за да утре некој и некаде се пронајде во мигот, дека еднаш и некогаш имало луѓе кои копнееле по истиот тој миг - да се биде свој на своето, есапејќи го целиот свет за свој.
А барабите кои и во овој момент ви го заебуваат живеењето, така и ќе завршат – како бараби. Дел од нив со многу туѓи пари на контотото, ама со разнебитени семејства и криминални досиеја кои еден ден ќе стигнат за наплата, дел од нив како заблудени сиромаси со наметнати и развеани туѓи знамиња, заборавени на крстопат, никогаш не пронаоѓајќи ја сопствената меѓа, заборавајќи дека барабите им одзедоа се што требало да имаат – спокој, мир, демократија, пристоен стандард, слобода. И да, утре е нов ден. За вечерва – читање на шведски крими роман, слушање српска рок музика, гледање холандски филм. За утре – читање босанска поезија, слушање канадска поп музика, гледање американски серијал. За задутре сеуште немам план. А и зошто ми е. И што тука не е јасно?!
П.С. Нема П.С. Само добра мисла и денот/ноќта како мотив да се остане ист, а така различен. До крајот!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци