Tuesday, March 14, 2017

Блузирање (211-241)

(прва кавадаречка колумна)

Првото издание на “Блузирање“ беше објавено на 20 ноември 2004, во првиот број на двонеделникот “Тиквешка хроника“, кој излегуваше точно две години и на чиј тираж можат да му позавидат повеќето од денешните дневни весници во државата. Оваа колумна, самобендисано наречена “прва кавадаречка“, по згаснувањето на “Тиквешка хроника“ го започна своето патешествие на интернет, на една од македонските блог платформи, за да денес е на адресата на која моментално ја читате. Дел хроничарски настроена, дел критички, ретко благонаклоно кон општествените (не)случувања поврзани исклучиво со и за Кавадарци. Толку за неа, само уште информацијата дека еден ден (наскоро?!), ама еден стварно убав ден, сите изданија на “Блузирање“ ќе доживеат и печатен формат, па кому како иде. И да, навистина е прва кавадаречка колумна. И официјално. И не е ова воопшто јубилеј на колумната. За друго станува збор. Се допаѓало тоа некому или не, авторот на овие редови продолжува понатаму и покрај сите перипетии низ годините минати, што приватно, што професионално, па ако сте расположени и понатаму за читање, да продолжиме. Ако не, никому ништо, овде завршува нашето дружење.
Ако продолживте со читање, еве што ми беше зборот. Со оглед на тоа што авторот на овие редови заокружи полувековно битисување во овој град, случајно или намерно наречен Кавадарци, има право да раскажува приказни. Ама вистински! Пеесет години (и со бројка – 50) живеење во Кавадарци (истовремено и 50 години воопшто живеење) тераат на размислување за некаква ретроспектива. Со оглед на тоа што не сум којзнае каков носталгичар за тоа што било и поминало, мојот основен мотив во овие писанија е утописката размисла “Кавадарци – пристојно место за живеење“. Да, малку поинаков локалпатриотизам. Алтернативен, андерграунд, кој ли ќе го знае?!
Според денешна точка на гледање, Кавадарци е такво какво што е, раширено околу градскиот плоштад, а плоштадот – ледина. И сега што? Ништо! Овој месец (3 март) истерав пола век битисување (приватно/професионално) на планетава. На планетава, оти тесни и кусогледи ми се националните кошули и се што е фино и ново, различно и храбро, ми е драго и секако со подршка за освојување на нови и слободни општествени простори и форми. Да, граѓанин сум на Македонија, ама тоа не ме спречува да се интересирам за светските различности, особено што рокенролот ми е константа, блузот ми е база, добрата книга радост, на уметноста и се поклонувам, а за се друго побарајте ме во урбаното подземје на градот, во друштво на троа поинакви и ептен интересни луѓе. Добар дел од нив заминаа на овој или на оној начин, ама сеуште не има, така да плачките по Кавадарци кое некогаш било баш и не ми се многу по ќеиф. Оти денот е да се (пре)живее и во него да се остави дел од себе, како мисла, дело, белег, за да утре некој и некаде се пронајде во мигот, дека еднаш и некогаш имало луѓе кои копнееле по истиот тој миг - да се биде свој на своето, есапејќи го целиот свет за свој.
А барабите кои и во овој момент ви го заебуваат живеењето, така и ќе завршат – како бараби. Дел од нив со многу туѓи пари на контотото, ама со разнебитени семејства и криминални досиеја кои еден ден ќе стигнат за наплата, дел од нив како заблудени сиромаси со наметнати и развеани туѓи знамиња, заборавени на крстопат, никогаш не пронаоѓајќи ја сопствената меѓа, заборавајќи дека барабите им одзедоа се што требало да имаат – спокој, мир, демократија, пристоен стандард, слобода. И да, утре е нов ден. За вечерва – читање на шведски крими роман, слушање српска рок музика, гледање холандски филм. За утре – читање босанска поезија, слушање канадска поп музика, гледање американски серијал. За задутре сеуште немам план. А и зошто ми е. И што тука не е јасно?!
П.С. Нема П.С. Само добра мисла и денот/ноќта како мотив да се остане ист, а така различен. До крајот!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment