Sunday, April 30, 2017

Блузирање (214-244)

(прва кавадаречка колумна)

Не постои повеќе “Астрато“. Не, приказната не е воопшто тажна. Напротив. За авторот на овие редови, приказната за “Астрато“ е блескава. Тоа е приказна за врвната кулинарска уметност, за нејзиниот спој со врвот на кавадаречката, македонската и балканската ликовна уметност, музиката, театарот, литературата, фотографијата.
Сопственикот на “Астрато“, врвниот кулинарски, но и одличен ликовен уметник, го запознав кратко време по отворањето на ресторанот. Големиот Деан Мелов ме освои како човек и пријател речиси веднаш. А влегов, демек само на кратко, по инсистирање на мојот пријател, уметникот Ристо Соколов Сокол, да видам ново интересно место во градот и да го запознаам “газдата“, негов добар пријател, но и ученик во откривањето на ликовните мајстории. Бев пречекан со голема и искрена насмевка на Деан како добредојде и неговото: “Аааа, ти ли си тој Марјан, шо се разбира у музика? Ај додека стигне пијачката и мезето, напрај некој избор за ваа вечер!“ Така се започна.
“Астрато“ не беше обичен пица ресторан. Сите оние кои барем еднаш биле таму, знаат. Најдобрите пици во градот, оригиналните мезелаци “потпишани“ од целиот персонал, фантастичните дружби, без разлика дали сте биле првпат или буквално “Астрато“ бил ваш втор дом. А приказната за “Астрато“ вели уште дека по иницијатива и покровителство на Деан Мелов Астрато овде се случи на два пати “Денови на културата, уметноста и виното“ (2009 и 2010), седумдневен фестивал во кој се доживеа вистинска глорификација на врвната уметност, фестивал во кој уметниците не само што излагаа, туку и твореа, сликаа, излагаа, промовираа и музицираа пред гостите во ресторанот. Од ликовна уметност, преку фотографија и литература, староградска, џез и рок музика, со голема подршка на кавадаречки уметници од сите бранши. Учествуваа најдобрите. А гостите (публиката) уживаа во врвните кулинарски специјалитети, дегустирајќи ја истовремено и уметноста и виното, раскажувајќи ги надалеку приказните за “Астрато“.
Ристо Соколов Сокол заедно со Деан Мелов Астрато се иницијаторите на уметничките случувања во “Астрато“, место за кое допрва ќе ни биде жал што го нема. Нивната неверојатно позитивна енергија, нивната неверојатна љубов кон луѓето направија денови за паметење. Неодминилив за спомнување во уметничките случувања во “Астрато“ е кавадаречкиот актер, човек пред се, Александар Малинков, кој грото од настаните ги “среди“ режисерски и водителски, онака како што тој најдобро знае. Во “Астрато“ се подготвуваше и легендарната манифестација “Дреново празнува 2010“, преку која врвната кулинарска, ликовна и музичка уметност за првпат се случи во рурална средина. Но благодарејќи на Деан, Ристо (и неговата неповторлива уметност) и екипата тоа изгледа феноменално и пред се – човечки. И додека ги редам овде настаните кои се случуваа во “Астрато“ да ги спомнам ликовните перформанси со учество на еден од најголемите европски и бугарски уметници Пламен Бонев, со Ристо Соколов Сокол и самиот Деан Мелов Астрато. Во “Астрато“ своевидна промоција доживеа и младиот уметник Трајче Јованов, битна карика на настаните кои овде се случуваа. Дел од кавадаречката младост кој буквално замина по парче леб далеку одовде.
Како дел од луѓето (бидејќи така се чуствував сите овие години) на “Астрато“, морам овде да се заблагодарам за почитта и професиналноста на персоналот, кој ги “трпеше“ нашите уметности и дружби, пред се на Мајсторот и Жикето, а особено на семејството на Деан. Приказната за “Астрато“ заврши. Како што всушност повеќето од убавите приказни во овој град имаат почеток и крај. Проклетство или нешто друго ќе да е во прашање?! Но, како и да е, приказната за “Астрато“ уште долго ќе се чуствува низ градот и сите ние кои бевме дел од неа со голема радост ќе прераскажуваме - дека било еднаш во Кавадарци.
П.С. Во овие тешки времиња, кога нормалните луѓе се надеваат дека веќе уште утре ќе запре злото и ќе станеме пристојна држава, ја посветувам оваа колумна на сите добри луѓе кои низ годините дадоа свој исклучителен придонес и лична саможртва за едно малку поинакво Кавадарци, Кавадарци пристојно место за живеење.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Saturday, April 15, 2017

Блузирање (213-243)

(прва кавадаречка колумна)

“Кога денес ќе биде некогаш“
(Ристо Соколов Сокол, 1957 – 2015)

Не се сеќавам кога точно го запознав Рики. Ама би му дошло некако, скоро повеќе од половина од животот. Од човек и уметник како него, доволна би била и таа пијачка испиена на неговата изложба во денешниот простор на Винската куќа во Градскиот парк, а тогаш изложбен простор на некогашниот кавадаречки Младински дом. Ма, не сум искрен. Не беше само една пијачка. Другото до нашата последна средба (ден пре Свети Трифун 2015) е наша себична и интимна историја на долги години разговори за уметноста, безброј непроспиени ноќи исполнети со креативност, смеење, сериозни организации на велелепни културни и уметнички настани: Ликовни изложби, театарски претстави, перформанси, промоции на книги, концерти, фестивали. Само “Арт Перформансот“ од 2005 да беше или театарската претстава “Дупло Дно“ на неговиот Ацо Малинков или само отворањето на неговото Студио “Сокол Арт“ – ќе беше доста за да држи убавината до крајот на животот.
Инаку, често пијам кафе (море и нешто плус) по местата кои го носат неговиот белег. И често мислам дека додека постои Кавадарци ќе го има низ градот. Оти таков беше. Ја правеше уметноста за да остане приказна за времињата кои ретко беа бележани како убави. 
А приказната за еден живот преполн уметнист, започнала на еден Велигден, на 16 април 1957 година, во неговото Дреново. Во недела, на 16 април 2017 повторно е Велигден. Точно 60 години од раѓањето на Ристо Соколов Сокол – големиот уметник и човек, по чие заминување Кавадарци повеќе не е истиот град. Ниту пак ќе биде некогаш.
П.С. Ми беше исклучителна чест и задоволство што бев близок соработник на големиот Ристо Соколов Сокол. Имам цели томови поезија инспирирана од неговата уметност. Можеби некогаш ќе ви прочитам некоја песна, за тоа кои бевме и кои сме денес.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци