Thursday, June 22, 2017

Блузирање (215-245)

(прва кавадаречка колумна)

Ова “Блузирање“ требаше да започне вака: “Со оглед на тоа што од поодамна професионално сум дел од културните збиднувања во Кавадарци (и институционално и оф), понекогаш си давам за право себеси, да мрчам за квалитетот на она што се нуди на кавадаречката публика...“
Арно ама, интензитетот на случувањата, воопшто, не одведе на нешто сосем друго. Имено, веќе имаме нова власт и опозиција во Македонија и на новата влада е да понуди бројни и издржани решенија за проблемите кои се видливи и на државно и на локално ниво. Се разбира, главната одговорност на локално ниво ќе ја има власта која ќе ја добие довербата на граѓаните на изборите кои не очекуваат во октомври. А не е да не е, се изначекавме на решенија изминатите дваесет и пет – шест години транзиција. Факинг транзиција која сеуште трае и нема намера да си замине одовде до догледно време. Благодарејќи на сите нас, нели. Или па не?!
Што се однесува до локалното, ете сведоци сме дека лоцираните во кавадаречката индустриска зона нема повеќе да голтаат прашина и да газат кал, се средиле 450 метри од Западниот булевар, па наредните две години ќе се доправат уште 700 метри.... Така да за четири години успешно ќе бидат завршени еден километар и 150 метри пат. Многу, а?! А иначе, тоа е еден од трите влезови во Кавадарци, лицето кое го покажуваме пред луѓето кои од разно – разни причини доаѓаат или минуваат низ градот. Ај белки ќе потрае патот и нема да ја имаме сликата од кејот на реката “Луда Мара“ каде се што е поставено се руинира. Што од несовесни граѓани, што од непредвидливи природни појави, што од неквалитетна изведба и материјал. А Градскиот плоштад? Градскиот плоштад најверојатно ќе чека подобри времиња и троа зеленило на него, оти ете, лето доаѓа и во Кавадарци, а летото со себе носи високи температури, кои на плоштадот се и за десетина степени повисоки од највисоките во останатиот дел на градот. Во меѓувреме, немало вода за наводнување на полињата во околината на Кавадарци (настрадаа праските, кајсиите и сл.), извиканата катна гаража над полициското паркче е пред (само)уривање поради арамиите кои за ситна пара за железо, ги заболе ваквото дека сите ние таа гаража ја плативме од наши пари. Патем, откупувачите на старо железо нели треба да ги прашат од каде му се на продавачите тие “чудни“ елементи и нели тие истите откупувачи плаќаат на трансакциска сметка која има име и презиме? Инспекциските служби работат нешто во овој град или пак имаат за “чешлање“ ретки пристојни фирми и невладини?! А бе си “ибале векот“, се истурија од работа!
Да, лето почна и во Кавадарци. Не, нема да биде лежерно. Нема да има ништо ни налик на летна сиеста. Оти лежерните градски лета од поодамна не живеат овде. А бе земете прочитајте некоја добра книга, имате деца, бидете им пример. Кренете глас против аздисаниот турбо фолк, кој меѓу другото служи и за перење мозок и губење на уште една генерација на наши, кавадаречки деца. Малку треба да ја изгубиме битката со некултурата. Нешто како битката со сообраќајната анархија во градот, уништувањето на Градскиот парк, запустените влезови на станбените згради, испокршените корпи за отпадоци, клупи, канделабри. Како што пешаците и велосипедистите полека остануваат без простор, останувајќи без тротоари кои станаа летни бавчи на кафулињата и ресторани и паркинг простор за мороните со скапи машини. Срам да ни е на сите!
П.С. Со оглед на тоа што во генот ми е да бидам (а и по убедување сум) антинационалист и антифашист, се изнасмеав овие денови на “бранителите“ на националното по социјалните мрежи. Толку антигрци кои летуваат по монденските летувалишта низ Грција и толку антибугари со бугарски пасош, тука најверојатно е потребен длабински систематски преглед со особено внимание и проверка на психопатолошната состојба на дотичните. Фобиите чувајте си ги за по дома. Лето е бре, време за лежерни муабети, фини нешта и насмевки. Нели?!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци