Sunday, July 16, 2017

Блузирање (217-247)

(прва кавадаречка колумна)

“…Ostajem sam, ostajem sam
u ovom gradu strahom zatrpan
ovaj grad je nekad
bacao svetla daleko
ovaj grad je mogao bolje…”
(EKV “Zajedno”, LP “Neko nas posmatra” 1993)

Кога годините ти се нижат испреплетени професионално и приватно со културата и уметноста, задоволството од направеното не ретко ти се движи кон еуфорија. Но затоа, не се ретки и падовите, особено во оние каде рацете ти се врзани и не си моќен ништо да промениш, поради тоа што нештата и не зависат од твоите можности. Нејсе, на 10 јули годинава по шести пат ја реализиравме Меморијалната манифестација “Денот кога се роди добриот човек“ посветена на Дејан Костов Лиса, еден од последните вистински урбани ликови во Кавадарци, дете на поубавата страна на кавадаречката приказна. Задоволството дека манифестацијата беше успешна е големо, особено што бројната публика присутна таа вечер на платото под Винската куќа во Градски парк Кавадарци – го препозна моментот, ги препозна урбаните вредности и реагираше прекрасно. Секако, благодарејќи на сеќавањата за добриот човек Дејан Лиса, но и поради учесниците: Гордан Ристовски Гого со неговите уметнички фотографии, ептен фино вклопени во амбиентот, актерот Александар Малинков со неговото некласично водителство и интеракција со присутните и секако рок бендот “Лексикон“ со извонредниот репертоар и настап. Задоволството е уште поголемо, бидејќи е во организација на Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, кое за пет години постоење се движи исклучиво кон целите поставени на самиот почеток – организација на алтернативни културни и уметнички случувања. Досега зад нас се шест реализирани Меморијални манифестациии “Денот кога се роди добриот човек“ (во моментот најдолготрајната манифестација во Кавадарци организирана надвор од официјалните институции), како и две реализирани манифестации “Пријателите за Ристо“ посветена на големиот уметник и човек Ристо Соколов Сокол. Да, за неверување е, ама следуваат подготовки за наредни манифестации кои го носат предзнакот урбани и алтернативни.
Да се вратиме на кавадаречкото секојдневие. Деновиве како гром одекна информацијата за содржината на годинашното издание на манифестацијата “Тиквешки гроздобер“. Организаторот ја потценил и обезвреднил оваа повеќе од половина век стара манифестација и годинава дефинитивно ја ставил на рамниште со селски панаѓур. Е па сакавме да го организира приватна компанија и сега ни се свети целата постапка и полека, но сигурно, ја губиме манифестацијата која бројни генерации ја граделе, оставајќи го својот ентузијазам и знаење во интерес на градот. Денес имаме манифестација во чија реализација организаторот нема вклучено ниту еден од креативците од градот. Акцентот е ставен на музичкиот дел, кој е како пресликан со сличните масовни манифестации низ државата. Денешната верзија на “Тиквешки гроздобер“ е нешто како “туѓо тело“ за градот. А манифестација која не живее со граѓаните на градот во кој се организира, манифестација на која речиси и да нема гости од страна, не ќе да е нешто со кое градот може да се гордее. Напротив. Карневалот со десетина поставки, кој навечер поминува низ несоодветно осветлената “Илинденска“ за таа прилика, е тажна приказна сам по себе. Во содржината на организаторот нема Земјоделски саем,  Вински парк, Меѓународна фолклорна вечер, спортски турнир, нема штандови за продавање грозје и производи од грозје... Ама затоа пак ја има Северина! Јебига, такви какви што сме, изгледа си го добиваме она што сме го заслужиле. По објавувањето на содржината на годинашниот “Тиквешки гроздобер“  пред некој ден, реакциите по социјалните мрежи (други реакции нема) траеја неколку часа. После тоа молк. Вообичаен молк. Традиционален. Ептен традиционален.
П.С. Пред 25 години, далечната 1992, во Кавадарци се одржа првиот “Тиквеш Рок Фест“. Учествуваа 11 бендови од Кавадарци, еден од Неготино, а гости беа Зијан (Гевгелија), Боб – Рок (Штип) и Александрија (Штип). Поголемиот дел од организаторите на овој рок фестивал кој доживеа три изданија денес се во веќе етаблираното Здружение за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци. Толку. Токму. А бевме дел од “Баухаус“. И сеуште сме.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment