Wednesday, August 16, 2017

Блузирање (219-249)

(прва кавадаречка колумна)

“… Ovo je novo vreme u kome ljudi žele da budu objekti. U kome ne žele da imaju više mišljenja nego što im treba. U kome ne žele da imaju više savesti nego što može da im smeta. U kome ne prepoznaju ni sopstvene emocije, ukoliko nisu formulisane kao kliše…”

Драган Амброзиќ – “Rock’n’roll chick” – Vreme, бр.1383, 6 јули 2017

Паметам, а паметам од поодамна. Крајот на седумдесетите на минатиот век, основец, почеток на септември, живеам на “Илинденска“ 3 (една од моите четири кавадаречки адреси), гости од Скопје, Куманово, Радовиш... Сите наредени на терасата (1,5м x 3м), чекаме да започнат мото трките на “Тиквешки гроздобер“. Се прогласува победникот, започнува гроздоберскиот карневал. Трае. Поставките величенствени (со години подоцна дознавам дека сите до една се креација на кавадаречките уметници). Педа место нема на “Илинденска“ и тогашниот (непрежален) плоштад од народ. Жив човек не познаваш, затоа што гостите се од целата поранешна држава. И странци, кои на првата бензиска (не толку бројни како денес) дознале дека во Кавадарци има една голема манифестација која се вика “Тиквешки гроздобер“. Кој да му знае, деца бевме, дека сме биле сведоци на историски моменти, денес видливи само на фотографии на секоја година истата изложба од минатите изданија “Тиквешки гроздобер“.
Во 1985 година, заминав на одслужување на тогаш задолжителниот воен рок, во Земун, крај Белград, Србија. Да се разбереме, јас служењето војска до ден денес го сметам за изгубено време. Среќа касарната имаше извонредно богата библиотека, па некако се издржаа тие година и дваесет дена. Ама тоа е друга приказна. И види ти работа, запознав луѓе кои биле во Кавадарци, по некоја случајност, токму на манифестацијата “Тиквешки гроздобер“, која во меѓувреме престана да се одржува, поради којзнае какви причини. Луѓето биле во Кавадарци, кој поради пријатели, кој службено,  кој поради тогаш седумдневните екскурзии низ бившата држава. И сите си поминале незаборавно. Кој ради Саемот за земјоделски производи, кој поради импровизираните тезги на кои се продаваа грозје и сите гроздови производи –маџун, слатко, ракија, вино, кој поради цистерните бесплатно вино лоцирани на Градскиот плоштад и пред (тогаш Агрокомбинат) Тиквеш, некои поради големите концерти кои тогаш се одржуваа на Градскиот стадион пред над пет илјади публика. Центарот на Кавадарци тие денови беше центар на Балканот. Денес, некоја друга приказна, море ептен чудна и заебана приказна. Само една работа. Тогаш карневалот се одржуваше на последниот ден од манифестацијата, во недела (да, и првите години од неговото возобновување беше во недела), а денес е навечер, нешто налик на локалната “поговорка“ – Ноќна берба. Тоа се кажува, за нас и за годините наназад кои ги изеде транзицијата. Да, но за разлика од многу други градови и нивните локални манифестации, кои најверојатно се одлика на нивните средини, манифестацијата “Тиквешки гроздобер“ денес не е ништо друго освен транзициска приредба. Да парафризирам еден драг пријател –“Во ракијата не е вистината“. Особено не на 40 степени во два попладне!
И ако забележавте, програмата на “Тиквешки гроздобер 2017“ се разликува од тоа што го пишува на  единствениот билборд поставен низ градот и информациите кои се објавуваат низ локалните медиуми. Оти на националните медиуми најверојатно нема кој да им испрати мејл, дека во Кавадарци во септември 2017 ќе зјае Северина, па да го заобиколат градот што подалеку. Организатори на “нивоу“. Е, таа е...  И да, наредното издание на првата кавадаречка колумна гордо ќе го носи бројот 250!
П.С. Поминаа триесет години од издавањето на албумот “The Joshua Tree” на U2. Неверојатно звучи денес неговата свежина. И музичка и текстуална и продукциска. Вистинска музичка лектира за сите генерации. Да, никаде низ македонските сајтови, електронски и печатени медиуми нема да прочитате никаква ретроспектива, анализа, есеј, издржан новинарски прилог за неверојатната историја на овој албум. Македонското copy – paste новинарство никако да излезе од калта. Да, чест на исклучоци, ама U2 направија многу повеќе за македонскиот урбан сензибилитет и граѓанско живеење од сите тукашни политичари и особено политиканти, кои не успеаја да се издигнат ни педа над квазипатриотските џингрлака повраќаници. Јеботе, U2 ги слушам повеќе од 35 години и секогаш знаат да ме изненадат со нешто фино.

By
Марјан т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци