Friday, September 22, 2017

Блузирање (221-251)

(прва кавадаречка колумна)

Се јавувам по двеста пеесет и први пат, онака, самобендисано, како прва кавадаречка колумна. За жал, сеуште прва и последна. Море не за жал, туку за жалење, колку тоа ние си го сакаме Кавадарци, та не се осмелуваме еден издржан збор критички да кажеме против него. Не, вие кои што молчите всушност и не го сакате Кавадарци, баш ве заболе за него. А бе едно нешто да сте сториле за него, баш би било фино...
А приказната за денес вели вака: Во петокот, на 15 септември 2017, на Кавадарци му се случи вистински рокенрол ден… Се започна некаде после четири попладне, по местењето на озвучувањето и осветлувањето. Тонска проба и ете ти го времето за мастер класот по бас гитара и контрабас на дипломираниот џез контрабасист Петре Ангелов Фиш (Деца на сонцето, Журнал, Перо и Пикси, Абдомен...). Фини моменти со џез стандарди со екипата на Перо (бас/контрабас, саксофон и тапани), лежерно предавање за заинтересираните на мастер класот, едно џез/блуз/фанки попладне за паметење.
Да, со Перо Фиш започна Манифестацијата “Кога Кавадарци свиреше Rock’N’Roll – 25 години од првиот Тиквеш Рок Фест“, во организација на Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, подржана од Министерството за култура на РМ како дел од експресниот културно-уметнички воз наречен “Нов културен бран 2017“, а во, денес помпезно наречениот  “Парк на револуцијата“, нам добро познат како “Полициското паркче“. И фино, баш фино течеше денот. Закажаната рок трибина беше еден тивок пријателски разговор меѓу еднаквите, всушност како што се тивки најдобрите рок музичари од сите генерации во Кавадарци кои низ годините наназад немаат никаква подршка од градот (со ретки исклучоци, колку да се потврди правилото), а никаде не се пожалиле, оти во суштина се тоа што се – рок музичари. Се друго е некоја ефтина лага на која се фаќаат политичките мутанти од разно – разни провиниенции, празноглави ебиветровци кои рокенролот го имаат само како приказна кога има избори за нешто, во држава во која изборите се секојдневие. Оти, да се разбереме, рокенролот не е само музика, рокенролот е начин на живеење.
И да не го тупам, вечерта кулминираше со извонреден рок концерт со, овде слободно можам да кажам, првата лига на кавадаречкиот рокенрол. Тоа се денес “Leksikon” (со Виктор, Дејан, Оли и Ана), “Bad-Ass-All” (со Рики, Ристе и Орце) и “Smoke Shakers” (со Цви, Ристе, Орце и Рики). Бендови кои можете слободно да ги ставете на било која европска фестивалска сцена и да не му ја мислите. Ќе ве направат горди. И да, најважното. Таа вечер, над 450 кавадарчани, гости од соседните места и градови, од сите генерации, беа разиграна и насмеана публика. Од името на “Алтер Центар“ фала му на сите кои таа вечер беа со нас, било како подржувачи, било како публика. Ако не друго, ете вонсерискиот рок тапанар, еден од последните урбани трубадури во градот - Тошо Гранде е само доказ дека рокенролот во Кавадарци не е мртов, оти неговиот самоиницијативен перформанс со неговиот мотор на тема од “Led Zeppelin” е потврда дека рокенролот само ја чека својата следна шанса. И да ја завршиме оваа приказна со моментот со кој всушност и започна. Со ретро - модерниот оригинален плакат за Манифестацијата, авторство на Билјана Соколова.
П.С. Што се однесува до “Тиквеш рок Фест“ во сите негови верзии, приказната беше раскажана на лице место. Овде може само да се каже дека и покрај толку години, таа не е мртва и, зошто да не, може да доживее свое фино продолжение. А како дел од “Алтер Центар“, можам само да потврдам дека алтернативната култура и уметност живее низ градот (и покрај своевидниот иселенички егзодус на урбаниот дел од градот) и не е никаква конкуренција на официјалните институции, туку само надополнување на она што му недостасува на Кавадарци. А му недостасува само малку почит кон “поинаквите“, креативците и сите оние кои сеуште сакаат Кавадарци да биде пристојно место за живеење.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Sunday, September 17, 2017

Блузирање (220-250)

(прва кавадаречка колумна)

Заминува и септември 2017. Со него и летото во Кавадарци започнува да ги одбројува последните денови. Денешниот впечаток е дека додека постираме сликички од плажи по социјалните мрежи, големата секојдневна слика од Кавадарци сведочи дека градот остана без тротоари. Зонското паркирање исчезна некаде меѓу потпишаниот договор (со непозната фирма за јавноста?!)  и наталожената прашина по градските улици и булевари, а покрај засмрдените контејнери без капаци, искршените корпи за отпадоци и тревниците полни со ѓубре. Плус Градскиот плоштад. Сликата се кажува, а? Во септември замина и најнесреќното издание на “Тиквешкиот гроздобер. Настрана тоа што беше катастрофално, беше и тажно. Толку за тоа. Во претходните изданија на оваа самобендисано наречена “прва кавадаречка колумна“ кажав доволно за оваа манифестација. Некој друг сега нека му ја мисли како беа потрошени парите на граѓаните на Кавадарци.
Во политичките заебанции не би навлегувал, барем не сега, има време за тоа наредните денови, нели. А и летото сеуште трае, па не би се занимавал со маргиналци и сончогледи. Би се занимавал бар за кратко, со нешта кои ми ствараат контраверзи, ем ме прават среќен, ем тажен. Летово ми донесе радосни средби со драги луѓе, кои не почестија со своето доаѓање од нивните нови татковини, каде го заработуваат парчето леб, без никој да им стои на главата убедувајќи ги дека нивната квазипатриотска опција е најдобра, истовремено висејќи на плоштадот и собирајќи потписи за античовечки референдуми, како да сме не дај боже во некои мрачни времиња кога надобудните и одбраните ги палеле книгите на најдобрите светски автори, уништувајќи ги локалите и домовите на различните по вера, нација, знаење и сл. Не ме праша никој, ама еве ќе ви кажам. За мене единствен веродостоен кавадаречки референдум би бил оној кој би се однесувал на заштита на Градскиот парк од малограѓаншината и транзициските ебиветри кои сотреа се што беше здраво и автентично во овој град. Последната прошетка само ми ја потврди сликата: Градскиот парк во Кавадарци се движи кон својот естетски и природен крај. Исушена жива ограда и тревни површини, разурнати патеки, сокршени канделабри и корпи за отпадоци, р’ѓосани клупи и детски лулашки и како врв е темницата во вечерните часови – ниту една сијаличка по патеките. Гордоста на градот на многу генерации кавадарчани - умира неповратно.
Ма знам дека состојбата ниту со помалите паркови во градот не е сјајна. Таканареченото “музичко“ паркче неосветлено и запуштено, а и така звучно наречениот “Парк на револуцијата“ неосветлен и несигурен во темницата. Да, битно најпрестижната општинска награда ја доделивме на “естрадна уметничка“ и тоа за уметност (можеби има кариера низ народњачките фестивали и кафеани, ама...), така да срозувањето во овој град како да нема крај. Добро, ај да не претеруваме, би рекле вие. Е па ај да не претеруваме, да речам и јас. Светли точки има. Да, ама точки се и не им даваме да пркнат, па да се разлистаат и да се распостелат со своите доблести и убавини, со своите градски вредности. Сите ние го сакаме Кавадарци. Ама да и се плукнам на таква љубов изразена со мочање по уличките, со фрлање ѓубре во реката, со глупирање по сообраќајниците, со плукање по тротоари, со фрлање отпадоци каде ќе ни текне, со преголема бројка на кучиња скитници, ебати љубовта со која си го нагрдуваш родниот град во кој живеат и твоите најблиски. Ебати љубовта со која од пристоен и модерен средноевропски град направивме средноазиска касаба во која се е можно, освен почитувањето на вредностите. Не почитувајќи се себеси, заборавивме на генерациите кои доаѓаат и кои повеќе од сигурно е дека ќе не проколнуваат поради она што им го оставаме како град. Ма има да не заборават од прва!
П.С. Многумина од вас почитувани случајни или намерни сопатници низ блузирањево, најверојатно очекуваа некој ред за последното големо (нескромно, ама точно) градско случување, целодневната Манифестација “Кога Кавадарци свиреше Rock’N’Roll – 25 години од првиот Тиквеш Рок Фест“, кое се случи на 15 септември 2017, а во организација на Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци. Со оглед на тоа што манифестацијата помина одлично, заслужува повеќе простор, па затоа следното блузирање наредните денови целосно ќе биде посветено и на настанот, но и на рок живеењето во градот кој милува да се нарекува Кавадарци. И да, ова беше “Блузирање“ број 250.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци