Saturday, January 20, 2018

Блузирање (226-256)

(прва кавадаречка колумна)

“Zbog cega primatima nikada
ne iskljucuju elektriku
oni u principu ionako rijetko citaju
a i to sto citaju
krive stvari citaju
pa zasto im onda ne iskljucuju elektriku…”

(Azra, Johny Stulic, “3N” од албумот “Krivo srastanje”, 1984)

И повторно празник. Слава му на неработењето. Оно, понекогаш е потребен одмор од секојдневната рутина, па би рекле – зошто да не. Арно ама, додека дел од нас терат празници, многумина се на своите работни места. Само погледнете во близината на вашите домови – сите маркети работат, текстилните фабрики терат под полна пареа, како да текстилните (претежно) работнички се Супермени. Синдикат?! Не ме заебавај! Таканаречените синдикални лидери се со работно време, стаж и здравствено на грбот на членовите на синдикалните членови и ако нивните партиски ментори имаат потреба од тоа – ете ги како штрајкуваат.А ниту еден од тие таканаречени синдикални лидери нит’ со збор, нит’ со глас ги нема троа да проговорат за синдикалните (не)права во големите преработувачки капацитети каде и не постои синдикална организација. Земете го за пример само најголемиот вработувач во кавадаречко, Тиквешијата и пошироко. Синдикат? Па зошто им  синдикална организација, ако се задоволни од двеста пеесетте евра плата и ќелепур семејното дружење еднаш годишно. Да, дел од вработените имаат поголеми плати. Так’ нормално за раководители, шефови и останатите високо рангирани. Синдикални права? Такво нешто не постои во оваа држава, за жал. ЕУ? Кога во тој таканаречен прашалник ќе дојде ред до прашањата за правата на работниците, ќе биде “Збогум ЕУ“ и пред да стигнеме до прагот на посакуваната дестинација, во моментот единствена шанса на оваа држава да опстане и бидне нормално општество на еднакви граѓани.
Извитоперените вредности се наше секојдневие. Чистиот воздух е премија која ни ја дарува природата, кога ќе дојде време на ветрови, дожд и снег, а таму човечка рака, ќе признаете, нема мешанија – нели? Социјалните мрежи, тие наши експозитури каде ја топориме нашата храброст за по дома, каде што сме револуционери и патриоти во зависност од тоа дали не фатиле киселини по ручекот или не воздигнала ракијата која најчесто е домашна и лоша, само ја покажуваат сликата на едно полумртво општество чии чинители се или (криминално) пребогати или задоволни од регалот и пералната купени на рати, па чуму незадоволство ви се молам. Оригиналните копии на светските брендови кои ни ги нудат тукашните алчни трговци и онака се наша судбина. Слика и прилика на општествена Содома и Гомора со која сме се помириле. Нека има за јадење, нека има за леб и игри. Не заебавај сега и ти блузеру!
Доаѓа наскоро и месец февруари. А во февруари 1944 се случил Февруарскиот поход. Дејствие кое донело конечното ослободување на Македонија да се случи наскоро потоа. Стратегиски надмоќни во таа многу битна 1944, македонските партизани (стоилјадна македонска војска, претежно млади луѓе чии идеали наскоро потоа ќе станат стварност) својата желба за слобода ќе ја кулминираат на Заседанието на АСНОМ. Благодарејќи на Народноослободителната војска на Македонија, на македонските партизани и нивните борби против сите фашизми (македонски, германски, бугарски, албански, италијански и др.) на ова тло, денес зборувам и пишувам на македонски јазик. Оти, историските (“јебала нас историја“) факти говорат дека од 1903 до 1941(со печатот на македонската државност удрен на 2 август 1944) има многу срамни бугарофилски, србофилски, гркофилски бандитски изроди чии цели биле се, само не слобода на македонскиот народ. Потврда за тоа е големиот срам кој изминатите години го доживеавме со “Скопје 2014“ преку “спомениците“ и величењето на убијците на се што нешто вредело, а било дел од овој народ.

П.С. А што има врска со Кавадарци ова погоре напишаното? Прочитајте уште еднаш.

By

Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Saturday, January 13, 2018

Блузирање (225-255)

(прва кавадаречка колумна)

“Ja razumijem Boga. I sve mu opraštam. Od čega je napravljen, još je i dobar. A od čega je to napravljen? Od našeg straha.”
Predrag Lucic (1964 – 2018)

И повторно, по којзнае кој пат јануари, преполн со пијани празници (по ново со селфи од софри, домашни и кафеански), фотографии за спомен на кои сме со луѓе на кои вообичаено ниту добар ден не им велиме. Јануари е, 2018 тече неповратно и додека се свртиш ете ти ја следната Нова година. Да, за животот станува збор. За животот кој немилосрдно го трошиме, а еден е и има крај. И кога еден ден ќе се свртите позади себе, гледајќи ги фотографиите со софрите и луѓето за кои ништо не знаете, ќе се подзамислите и ќе воздивнете: ““Цел живот фрлен во WC шолја и џабе потрошена вода од казанчето“.
И во Кавадарци е јануари. Особено за квази патриотите кои ги бранат наци остварувањата кои маме ни расплакаа со години наназад. Ете ги разбревтани по социјалните медиуми, а во живо збор не проговоруваат и сеуште ги клатат наведнатите глави и молчат и прават селфија по “нивните“ тренди кафеани и ресторани. Еве сме, демек. А ваму полуживи, неотрезнети од децениската теревенка платена од нашиот џеб, здробени од полуписменоста која ги направи подобни, ма приказна како од најдобрите времиња на соцреализмот. Впрочем, тоа најдобро и знаат да го прават – молчат и кога ги толчат. Нејсе, од национализам не се живее, од национализам се умира. За жал, најчесто заминуваат несреќно невините и доблесни. Жртвите пак на лумпен демократијата, исфорсирана од левичари во фотелја, се посебна приказна вметната во дебела книга со тврди корици.
Во Кавадарци во 2018 влегов на 2 јануари. Понекогаш е потребно да те снема неколку дена па да почуствуваш до каде е твојот град. Особено ако издушокот ти бил со жестока рок музика, во град кој и во 21 век живее со својата историја, арно ама, презентирајќи им ја на патниците намерници на модерен начин, воопшто не воскликнувајќи “Ние сме најдобри“. Бев со едни фини луѓе, сопатници и соборци од кавадаречкото секојдневие, во Котор, Црна Гора, на невообичаен дочек на Новата година. Ма каков дочек, беше тоа исклучително добар рок фестивал. Од Електрични оргазам, преку Партибрејкерс, Обојени програм, Лет 3, Рамбо Амадеус, Лету штуке, Велики презир, Стреј Дог, па се до Дисциплина кичме. Неоптеретени од  извиканите новогодишни веселби, сите до еден жестоко не симнаа на земја и не воздигнаа до небо, давајќи го најдоброто и музички и човечки од себе, та не испратија распаметени и отрезнети со својата искрена свирка и желба годината која дојде да биде барем за чекор подобра. Се разбира, тој чекор самите да го направиме, а не да го чекаме од надобудни политичари и пезевенковци кои се истопориле и дебело заседнале на разно – разни локални или национални функции последниов четврт век и некоја годинка плус.
П.С. Децениската сообраќајна анархија во Кавадарци сеуште трае. Нелогичното неказнување и екстремната сообраќајна некултура си го дадоа своето. Како ли само генерациите кои доаѓаат ќе ги научиме на еколошка свест преку возење велосипед и пешачење, кога на кавадаречките сообраќајници, пешачки премини, тротоари и автобуски постојки царуваат дебили и психијатриски случаи со возачки дозволи? Ај нека падне тоа снегот па троа привидно да се изнормализираме!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Tuesday, January 9, 2018

Блузирање (224-254)

(прва кавадаречка колумна)

Еден од недостатоците на кавадаречкото секојдневие (ќе забележите секако, многу важен недостаток) е немањето реална и објективна критика на општествените вредности, во било кој сегмент на тоа исто општество, само во локални услови. Да, во сите сегменти - економија, политика, спорт, култура, уметност, туризам и така натаму и така натаму. Се судруваме со реалниот проблем со неверојатното субјективно размислување дека во Кавадарци ја имаме најдобрата економија, најдобрата политика, најдобриот спорт, најдобрата култура, најдобрата уметност и така натаму и така натаму. Да се разбереме! Овде стотици пати се критикувани општествените небулози кои му се случуваат на градот, па да се повториме – да го сакаш својот град не значи да ги прифаќаш сите глупости кои ти се сервираат и ги живееш секојдневно, туку да ги бележиш недостатоците, да критикуваш неквалитетни општествени производи и да поставуваш прашања. На пример прашањето – зошто некој не си ја заработувал платата а имал одговорност да го подобри живеењето во градот, нема никаков одговор од никакви “структури“, ниту надлежни за истото.
Во моментот Кавадарци живее во некаква чудна ретроспектива на нештата, како едни ги бивало, други не, а сето тоа завиено во обланда на “нечепкање“. Навраќајќи се на почетокот на овој текст, па и надоврзувајќи се на празничната еуфорија во која сите си посакавме благосостојба, како да таа ќе дојде “секунда“ по честитката, заборавивме дека веќе денес треба да се заработи за парче леб, треба да се купат нови панталони, ете прв братучед го женел синот па се потребни пари за поклон, па шминкањето на градот, дејствие кое ни го сведува животот на новогодишно ќесе чија содржина ќе биде изедена веќе денес, сакам да кажам – се е гола вода. Особено што статус – кво состојбата ќе не одводе ептен брзо во ситуација да не знаеме од каде ќе долета “куршумот“ кој нема да не убие, туку само ќе го “инвалидизира“ секојдневието наше насушно и ќе не врати на почетокот – на баналноста на живеењето во град кој прегорувајќи во желбата да биде град, ги стандардизира паланечкиот менталитет и карактер на касаба. Кавадарци пристојно место за живеење?! Продолжуваме да ги бараме одговорите на непоставените прашања (поради постојаниот и забеган страв де!) веќе во наредните епизоди на оваа самобендисано наречена прва кавадаречка колумна.
П.С. Нема П.С. Само - се читаме наредните денови! Особено што приказните дека блузерот се уморил не се ниту смешни, ниту сатирични, туку само блуење на малограѓанштина која има сосем основан страв дека може да биде “прочитана“ токму на ова место и  тоа од милион мали причини, онолку колку што ни е мал градот за кој овде станува збор со години наназад.

By
Марјан Т.
Бул. “Џон Ленон“ 3

Кавадарци