Saturday, January 13, 2018

Блузирање (225-255)

(прва кавадаречка колумна)

“Ja razumijem Boga. I sve mu opraštam. Od čega je napravljen, još je i dobar. A od čega je to napravljen? Od našeg straha.”
Predrag Lucic (1964 – 2018)

И повторно, по којзнае кој пат јануари, преполн со пијани празници (по ново со селфи од софри, домашни и кафеански), фотографии за спомен на кои сме со луѓе на кои вообичаено ниту добар ден не им велиме. Јануари е, 2018 тече неповратно и додека се свртиш ете ти ја следната Нова година. Да, за животот станува збор. За животот кој немилосрдно го трошиме, а еден е и има крај. И кога еден ден ќе се свртите позади себе, гледајќи ги фотографиите со софрите и луѓето за кои ништо не знаете, ќе се подзамислите и ќе воздивнете: ““Цел живот фрлен во WC шолја и џабе потрошена вода од казанчето“.
И во Кавадарци е јануари. Особено за квази патриотите кои ги бранат наци остварувањата кои маме ни расплакаа со години наназад. Ете ги разбревтани по социјалните медиуми, а во живо збор не проговоруваат и сеуште ги клатат наведнатите глави и молчат и прават селфија по “нивните“ тренди кафеани и ресторани. Еве сме, демек. А ваму полуживи, неотрезнети од децениската теревенка платена од нашиот џеб, здробени од полуписменоста која ги направи подобни, ма приказна како од најдобрите времиња на соцреализмот. Впрочем, тоа најдобро и знаат да го прават – молчат и кога ги толчат. Нејсе, од национализам не се живее, од национализам се умира. За жал, најчесто заминуваат несреќно невините и доблесни. Жртвите пак на лумпен демократијата, исфорсирана од левичари во фотелја, се посебна приказна вметната во дебела книга со тврди корици.
Во Кавадарци во 2018 влегов на 2 јануари. Понекогаш е потребно да те снема неколку дена па да почуствуваш до каде е твојот град. Особено ако издушокот ти бил со жестока рок музика, во град кој и во 21 век живее со својата историја, арно ама, презентирајќи им ја на патниците намерници на модерен начин, воопшто не воскликнувајќи “Ние сме најдобри“. Бев со едни фини луѓе, сопатници и соборци од кавадаречкото секојдневие, во Котор, Црна Гора, на невообичаен дочек на Новата година. Ма каков дочек, беше тоа исклучително добар рок фестивал. Од Електрични оргазам, преку Партибрејкерс, Обојени програм, Лет 3, Рамбо Амадеус, Лету штуке, Велики презир, Стреј Дог, па се до Дисциплина кичме. Неоптеретени од  извиканите новогодишни веселби, сите до еден жестоко не симнаа на земја и не воздигнаа до небо, давајќи го најдоброто и музички и човечки од себе, та не испратија распаметени и отрезнети со својата искрена свирка и желба годината која дојде да биде барем за чекор подобра. Се разбира, тој чекор самите да го направиме, а не да го чекаме од надобудни политичари и пезевенковци кои се истопориле и дебело заседнале на разно – разни локални или национални функции последниов четврт век и некоја годинка плус.
П.С. Децениската сообраќајна анархија во Кавадарци сеуште трае. Нелогичното неказнување и екстремната сообраќајна некултура си го дадоа своето. Како ли само генерациите кои доаѓаат ќе ги научиме на еколошка свест преку возење велосипед и пешачење, кога на кавадаречките сообраќајници, пешачки премини, тротоари и автобуски постојки царуваат дебили и психијатриски случаи со возачки дозволи? Ај нека падне тоа снегот па троа привидно да се изнормализираме!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment